Битолчани со предлози за Буџетот за 2027 година: од инфраструктура до култура и образование
Општина Битола ја одржа првата сесија од петтото издание на Буџетскиот форум, на кој граѓаните ги презентираа своите идеи и приоритети за развојот на градот и општината во 2027 година.
На форумот присуствуваше градоначалникот Тони Коњановски, кој истакна дека буџетот не е само финансиски документ, туку одраз на потребите на граѓаните и визијата за развој на Битола. Според него, форумските сесии овозможуваат отворена дебата за распределбата на јавните средства и утврдувањето на приоритетите.
Предлозите на граѓаните опфатија повеќе области – од инфраструктурата и образованието до спортот, културата и социјалната заштита. Меѓу нив беа изградба на надвозник кај ОУ „Коле Канински“, асфалтирање улици, уредување на просторот околу факултетите во поранешната касарна и изградба на спортски терени за студентите.
Беа предложени и отворање Битолска градска куќа, реновирање на салата за гимнастички спортови, обезбедување објект за Државното музичко училиште, формирање средно уметничко училиште и создавање професионален фолклорен ансамбл. Меѓу барањата беа и простор за дневен центар за деца од аутистичниот спектар, решавање на водоснабдувањето и изградба на пречистителна станица во Нижеполе.
На дискусијата се отворија и прашањата за изградбата на спортската сала во Долно Оризари, напредокот на проектот за пливачки базен во ОУ „Даме Груев“ и потребата од реновирање на училиштето во Буковски Ливади.
Предлозите ги евидентираа раководителите на надлежните сектори, претседателот на Советот на Општина Битола, Бојан Бојкоски, и присутните советници.
По завршувањето на форумските сесии и административната постапка, предлог-буџетот треба да биде разгледан од надлежните комисии и Советот на Општина Битола, кој ќе одлучува за финалната распределба на општинските средства за 2027 година.