МИЦКОСКИ СО ЈАСНА ПОРАКА ДО БРИСЕЛ: МАКЕДОНИЈА САКА ВО ЕУ, НО НЕ ПО ЦЕНА НА НЕЈЗИНИТЕ НАЦИОНАЛНИ ИНТЕРЕСИ
Премиерот предлага прво договор за акцискиот план за малцинствата со сите 27 земји-членки, а потоа разговори за уставните измени. „Нема да отстапиме ниту од националните интереси ниту од европската иднина“, порача Мицкоски.
Македонија треба да продолжи кон Европската Унија со јасни правила, предвидливи услови и гаранции дека преземените обврски ќе водат кон напредок. Ова е суштината на пораката што премиерот Христијан Мицкоски ја испрати од самитот на Берлинскиот процес во Будва, предлагајќи најпрво да се усогласи акцискиот план за малцинствата со сите 27 земји-членки, а потоа да се разговара за уставните измени.
Со овој предлог, Мицкоски настапува со став дека европската интеграција мора да се темели на јасни договори и заемна одговорност, а не на неизвесност и постојано отворање нови прашања. Владата не се откажува од европската перспектива, но инсистира македонските национални интереси да бидат заштитени во процесот.
„Ние се бориме, нема да отстапиме од борбата за македонските национални интереси, но исто така нема да отстапиме ниту од нашата стратешка цел да бидеме дел од европското семејство, онаму каде што припаѓаме“, порача Мицкоски.
Премиерот нагласи дека Македонија веќе има усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и постигнува напредок во спроведувањето на реформската агенда. Затоа, очекува европските партнери конкретно да го вреднуваат сработеното и да помогнат во деблокирањето на пристапниот процес.
Предлогот испраќа и политичка порака до Брисел и Софија: одговорноста за напредокот не може да се сведе само на нови обврски за Македонија, туку е потребна волја за договор што ќе овозможи процесот да се движи напред.
Мицкоски ја брани позицијата дека европската иднина и националното достоинство не се спротивставени цели. Напротив, според пристапот што го застапува, Македонија треба да стане членка на ЕУ преку јасен и предвидлив процес, без откажување од сопствените интереси.
Премиерот притоа предупреди дека постепената интеграција може да биде можност за поблиско поврзување со Унијата, но не смее да стане замена за полноправното членство.
Следниот предизвик е овој предлог да добие поддршка од европските партнери и да се претвори во конкретен дипломатски напредок. За Владата, целта останува јасна: европски пат за Македонија, со заштитени национални интереси и јасна перспектива за полноправно членство.