БИТОЛА ГО ОДБЕЛЕЖА 23 ОКТОМВРИ: ПОЧИТ ЗА МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА

Со положување свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев, Битола го одбележа Денот на македонската револуционерна борба и го оддаде признанието на генерациите револуционери кои се бореле за слобода и самостојна македонска држава.

По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во Битола беше положено свежо цвеќе пред споменикот на Даме Груев, еден од основачите на Македонската револуционерна организација и една од значајните личности во македонското револуционерно движење.

Церемонијата се одржа во дворот на Музејот во Битола, каде што почит кон историското дело на Груев и македонските револуционери оддадоа градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претставници на Советот на Општина Битола, Сојузот на борци, политичките партии и здруженијата на граѓани.

Даме Груев, учител и револуционер, имал значајна улога во основањето и ширењето на Македонската револуционерна организација, формирањето револуционерни комитети и поставувањето на темелите на Битолскиот револуционерен округ.

Почит кон минатото, одговорност за иднината

„На денешниот ден се потсетуваме на почетокот на македонското револуционерно движење и организираната борба на македонскиот народ за формирање независна држава пред 133 години, но и на должноста во денешнината за континуиран напредок на нашата татковина Македонија“, истакна градоначалникот Тони Коњановски.

Тој нагласи дека историската борба на македонските револуционери и денес претставува пример и обврска за истрајност, храброст и посветеност во надминувањето на предизвиците и создавањето подобра иднина за генерациите што доаѓаат.

„Нека ни е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба“, порача Коњановски.

Со одбележувањето на празникот, Битола уште еднаш ја потврди важноста на негувањето на историското наследство и зачувувањето на сеќавањето на личностите кои оставиле длабока трага во македонската историја.


1031

Задолжително

Verified by MonsterInsights