ОУ „Стив Наумов“ добива топлински пумпи и станува енергетски ефикасно училиште
ОУ „Стив Наумов“ во Битола направи уште еден чекор кон енергетска ефикасност и заштита на животната средина со поставувањето на две големи топлински пумпи, кои треба да го заменат досегашното греење на екстра лесно масло.
Денеска беше извршено примопредавање и технички преглед на системот за греење, во присуство на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изведувачот, надзорот и претставници на донаторот на проектот, УНОПС.
Поставени се две топлински пумпи со вкупен електричен капацитет од 50 kW и топлински капацитет од 120 kW, со кои ќе се обезбеди поефикасно греење на училишниот објект. Во рамките на проектот е оставен и приклучок за спортската сала што е во изградба, со можност и таа да се приклучи на истиот систем.
Заедно со претходно изведената енергетски ефикасна фасада, новиот систем за греење треба да придонесе за намалување на потрошувачката на енергија и емисиите на јаглерод диоксид (CO₂), со што училиштето се приближува кон концептот на зелена и одржлива образовна установа.