На 7 март 2027 година во Прилеп ќе се одржи 14. издание на Krali Marko Trails
На 7 март 2027 година, Прилеп ќе биде домаќин на 14. издание на Krali Marko Trails, една од најстарите и најпрепознатливи трејл трки во Македонија. Годинава на програмата повторно се враќа и ултра-дистанцата од 56 километри, покрај трите досегашни трки со различна должина, а се најавува и детска трка.
Пријавувањето започнува денеска, 9 ноември 2026 година, во 11 часот, преку официјалната интернет-страница kmt.mk. Бројот на учесници е ограничен на 350, а за раните пријави е предвидена промотивна цена. Крајниот рок за пријавување е 28 февруари 2027 година.
Најголемата новина е враќањето на Krali Marko Ultra Trail 56K, со должина од 56,46 километри и 3.109 метри позитивна висинска разлика. Во програмата се и Kamena Baba Trail (39,26 км), Treskavec Trail (23,28 км) и Markukule Trail (11,73 км), со што настанот нуди предизвици и за искусните ултрамаратонци и за рекреативците.
Патеките минуваат низ уникатниот природен предел на Маркови Кули, заштитено подрачје познато по своите гранитни карпи, необични камени формации и богато културно-историско наследство. Трката претставува можност учесниците одблиску да ја запознаат природната убавина на прилепскиот крај, но и да ја промовираат грижата за животната средина.
Организаторите најавуваат и детска трка, за која дополнителните информации ќе бидат објавени по Нова година. На минатогодишното издание учествуваа околу 300 тркачи, меѓу кои и 50 странски натпреварувачи, со поддршка на околу 40 волонтери.