March 29, 2024

МЛАДИНСКИ ЦЕНТАР – МЛАДИХАБ ОД ДЕНЕС И ВО БИТОЛА

Во рамките на проектот „МладиХаб – градење вештини за вработување, компетенции и можности за вмрежување на младите“ финансиран од Британската амбасада во Скопје и спроведуван од Националниот младински совет на Македонија (НМСМ) во соработка со CEED Hub Скопје, Битола доби свој Младинскиот центар – МладиХаб.

Центарот ќе биде во функција на младите од регионот, како простор за работа, вмрежување и организирање на различни активности.

„Општина Битола ќе ја исполни својата законска обврска и ќе распише повик за избор на младинска организација или организација за млади која ќе продолжи да раководи со овој младински центар, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики. На овој начин општината ќе обезбеди простор каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми кои ќе ја подобруваат благосостојбата на младите, развојот на личниот, социјалниот и професионалниот живот на младите, информации од важен интерес за младите и други аспекти од животот на младите”, изјави Тони Коњановски, градоначалник на Општина Битола.

На отворањето присуствуваше и британската амбасадорка Рејчел Галовеј, која посочи дека на младите им треба поврзување со бизнис компаниите.

„Британската амбасада ги поддржува локалните организации во отворањето на повеќе можности за младите, поддржувајќи ги нивните вештини и можности за стекнување практично искуство. Целта на оваа поддршка е да се вгради систем кој им обезбедува на младите вештини и компетенции кои ќе им помогнат да најдат вработување и да постигнат сопствена економска независност“, посочи Галовеј, амбасадорка на Обединетото Кралство во земјава.

На отворањето на МладиХаб присуствуваа голем број млади од регионот, со цел да се запознаат со функционирањето на овој центар и да остварат средби со претставници од бизнис секторот.


1025