April 19, 2024

ИНТЕРВЈУ СО ЖАРКО РИСТЕСКИ – ГРАДОНАЧАЛНИК НА ОПШТИНА МАКЕДОНСКИ БРОД

1. ПОМИНА ПОЛОВИНА ГОДИНА ОТКАКО СТЕ ГРАДОНАЧАЛНИК, КОЕ Е ВАШЕТО РЕЗИМЕ ЗА ИЗМИНАТИОТ ПЕРИОД?

Половина година измина многу бргу, но и доста динамично во однос на затекнатите проблеми, потребите на граѓаните и активностите кои се во надлежност на локалната самоуправа и чекаа на нивна реализација.

И покрај тешката финансиска состојба и енергетската криза која дополнително го оптеретува Буџетот на општината, почнавме со реализација на инфраструктурните проекти кои беа во застој, како што се: „Изградбата на водоводниот систем за село Требино, со алтернативно водоснабдување и на Македонски Брод“, „Реконструкција на градскиот парк“ и „Изградбата на улици во селото Црешнево“.
Потоа пристапивме кон мапирање на проблемите кои ги имаат локалните јавни претпријатија, а директно влијаат на граѓаните и заедно направивме акциски план со кој ја одредивме динамиката на решавање на истите согласно приоритетите и можностите. Во тој контекст, веднаш пристапивме кон подобрување на хигиената во градот, чистење на градските улици, чистење на сливниците, отстранување на диви депонии, поставување на канти за отпадоци низ градот и клупи за одмор, а почнавме и со цветно уредување на булеварот и градскиот парк.
Што се однесува на институционалната соработка, поработивме доста и на отворање на општината, па така, потпишавме меморандум за соработка со Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, имаме одлична соработка со Центарот за развој на југозападниот плански регион, остваривме средби со претставници на австриската амбасада, потоа се сретнавме со полскиот амбасадор, ја подобривме соработката со невладиниот сектор, потпишавме меморандуми за соработка со здруженија на граѓани од Кичево и од Прилеп и се разбира продолжуваме и понатаму во таа насока.
Посебно ставивме акцент и на прибирање на финансиски средства од домашни и странски фондации и извори. Па така, аплициравме до австриската амбасада за набавка на опрема за ЈКП „Комунална хигиена“, до полската амбасада за изградба на игралиште во с.Манастирец, потпишавме Меморандум за соработка со Кардно Емергинг Маркетс,Лтд за реализација на проектот на УСАИД за Зајакнување на капацитетите за искористување на ресурсите чија цел е зајакнување на одржливоста на општинските финансии и унапредување на процесот на децентрализација.
Што се однесува до прибирање на средства од домашните фондови, аплициравме до Министерството за животна средина и просторно планирање по Програмата за управување со водите и Програмата за унапредување на животната средина. Со еден проект за доградба на канал за зафаќање на атмосферски води аплициравме до Министерството за локална самоуправа, па до Бирото за регионален развој со уште три проекти.

2. КОИ СЕ НАЈЧЕСТИТЕ ПОТРЕБИ И БАРАЊА НА ЖИТЕЛИТЕ ОД ОПШТИНАТА?
Кога се работи за граѓаните и нивното учество во донесувањето на одлуки битни за развојот на општината, би кажал дека се разговара за многу проблеми разгледувани од различни аспекти. Нивните барања и потреби се од различен карактер. Сакаат да се поправи патот, да се изгради водоводот, да се најде начин за вработување на младите и нивно останување во општината, да се исчистат депониите, да се помогне на социјално загрозени семејства, да се искористат природните ресурси со кои располага општината во насока на економски развој и така натаму.

3. КОИ СЕ ВАШИТЕ ПРИОРИТЕТИ ЗА РАЗВОЈОТ НА ОПШТИНАТА?

Пред се сакам општината урбанистички и комунално да биде уредена со што ќе се создаваат услови и можности за побрз економски развој, создавање на можности за вработување на младите и овозможување да си создадат сопствени бизниси. Да се отстранат дивите депонии и да изнајдеме трајно решение за управувањето со отпадот. Да се искористат природните потенцијали за развој на повеќе видови на алтернативен туризам, тука пред се мислам на спелеолошки, езерски, речен, ловен, риболовен, планински, еко туризам и други. Сакам и силно ќе се стремам да се создаваат услови за рурален развој на нашите многубројни населени места, бидејќи можностите за тоа ги имаме.
За мене пред се е важно партиципативното учество на граѓаните во донесувањето на одлуките за трошење на општинските пари. Заедно ќе работиме за да изградиме вредности со кои ќе се гордееме. Ќе се стремиме кон тоа младите да основаат свои семејства овде и да придонесуваат за просперитет на општината.

4. КОЈА Е ВАШАТА ВИЗИЈА ЗА ОПШТИНАТА?
Општина Македонски Брод со сета своја убавина, историја, традиција и култура уште од најрана младост ги поттикна во мене чувствата за заедништво и припадност, но и чувството на одговорност за зачувување и негување на истите, кои ги оставиле нашите претци како нивен аманет, за да ги унапредиме, изградиме и издигнеме на повисоко ниво, па нашите поколенија да гледаат кон нас со гордост и почит.
Мојата визија е Општина Македонски Брод да биде уредена, чиста, економски развиена и отворена за соработка во сите сфери на дејствување, општина која ќе биде туристички атрактивна и привлечна дестинација за секој човек без разлика дали е од Република Македонија или надвор од неа.
Преку проектите кои ги спроведуваме и кои следат во иднина, верувам дека ќе успееме да ја реализираме нашата заедничка визија за Општина Македонски Брод да биде општина со зголемен број на жители, со зачувана чиста животна средина, атрактивна локација за живеење, работа и водење на сопствен бизнис.

5. ДАЛИ ИМАТЕ СЛОБОДНО ВРЕМЕ И ДОКОЛКУ ИМАТЕ КАКО ГО КОРИСТИТЕ ОТКАКО СТЕ НА ПОЗИЦИЈАТА?
Јас, како човек кој доаѓа од фелата на социјалната заштита, особено ја сакам дружбата со моите сограѓани и затоа можам да кажам дека целото работно време го доживувам како мое слободно време.
Семејството ми е местото од каде ја црпам целата моја енергија и уживам во моментите поминати со моите најблиски, а посебно се релаксирам кога сите сме заедно кај моите родители во нашиот дом во село Локвица, местото од каде потекнувам.


1130