April 20, 2024

НА ЕВРОПСКАТА УНИЈА НЕ МОЖЕ ДА И СЕ ВЕРУВА!!!

                                               (ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ 174)

1. На Европската Унија не може да и се верува! Свесен сум за тежината на ова што го кажувам, но фактите – за жал, ме упатуваат на тоа!

    Како што наближува 23 јуни – денот за кога е закажан самитот на лидерите на земјите членки на ексклузивниот клуб наречен ЕУ, се појасно е дека шансите Република Македонија да ги започне преговорите за членство – нешто што земјата и сите ние го очекуваме цели 16 години, се многу, многу тенки – скоро никакви! А Зошто? Заради “идиотскиот консензус” (како што велеше покојниот претседател Жељу Желев) кој и дава за право на Бугарија да става вето и да го блокира почетокот на преговорите за членство на Република Македонија во пакет со Република Албанија, во ЕУ.  Бугарија го условува давањето на согласност за почеток на преговорите – замислете: со вметнување на бугарите во макеонскиот устав, почитување на фамозниот Договор за пријателство и Резолуцијата на бугарското Собрание. Освем тоа, источниот сосед инсистира нивните барања да бидаат вметнати во преговарачката рамка на ЕУ за преговорите со Република Македонија!? Со други зборови, преговорите и самата помисла за членство на Република Македонија во ЕУ – како што засега стојат работите – се невозможна мисија (mission impossible).

   Ниту убедувањата на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи, ниту пак пораките на германскиот премиер Олаф Шолц што ги упати при посетата на Скопје и на Софија, не успеаја да ги убедат бугарските политичари дека е од интерес на самата Унија преговорите за членство со РМ и Албанија формално да започнат! Не помогнаа и бројните пораки и апели – вклучувајќи ја и силната порака од Вашингтон, но тие – се чини – не се доволни да ги убедат бугарите да не се противат на вољата на мнозинството членки на Унијата за почеток на прговорите за членство!? Велам “мнозинството членки” бидејќи длабоко сум убеден дека Бугарија   н е   е   с а м а   во блокирањето на европерспективите на Република Македонија и Албанија.

   Не е прв пат Европската Унија да се соочува со вакви – не само за нас, туку и за нив непријатни ситуации (блокади), но секогаш (со тивка дипломатија) се изнаоѓало решение да се надминат проблемите! Токму за тоа и тврдам дека во случајот со блокадата на Република Македонија и Албанија ни се приредува своевиден театар на суетата, чиј главен актер се лејките од Бугарија. Господо од ЕУ, па како ги дисциплиниравте Унгарија и Полска, како ја дисциплиниравте Словенија да не ја блокира Хрватска или како го примивте Кипар во членство а не исполнува ни елементарни услови за прием (нема контрола над голем дел од својата територија), а наводно не сте во можност да ја дисциплинирате Бугарија. Па ако не знаете – да ви помогнам: блокирајте ја исплатата од 6,4 милијарди евра колку што и доделивте на Бугарија за “развојни проекти” во наредните седум години, за да ви поверуваме дека навистина сте загрижени заради нејзините блокади и нецивилизирано однесување. Па вие сами – господо од ЕУ, си ја внесовте истата таа Бугарија во вашето друштво, па ред е токму вие да ја дисциплинирате па да ви веруваме дека навистина сте загрижени заради нејзиното однесување!? Во спротивно, НА ЕУ НЕ МОЖЕ ДА И СЕ ВЕРУВА!!!

2. Е, што доживеавме: Дури и една Албанија да се мајтапи со нас!!! На состанокот на лидерите од западниот Балкан со германскиот премиер Олаф Шулц што се одржа во Солун, кога грчкиот премиер Мицотакис го претставуваше македонскиот премиер Димитар Ковачевски, се уфрли премиерот на Албанија Еди Рама дофрлувајки: “Тоа е премиерот на Западна Бугарија” и остана жив. На ова македонскиот премиер Ковачевски слатко се изнасмеа (!), што пак предизвика бурни негативни реакции во македонската јавност, а водечката опозиција ВМРО-ДПМНЕ од него побара оставка.

   Еди Рама по враќањето во Тирана изрази чудење (!) за острите реакции на македонската јавност и на твитер напиша дека, наводно, само сакал да го исмее бугарското однесување со блокадите кон Македонија!?

   Дали е тоа навистина така, или на Еди Рама во подсвеста му се некои нему посакувани или наметнати концепции и визии (и рускиот МНР Сергеј Лавров заговараше такво нешто, т.е. поделба на Македонија источно од Вардар бугарско, а западно од Вардар албанско!?), не сум сигурен, но таквите идеи не се за смеење, како штп му дојде на Ковачевски.

3. Викендов што измина се случи уште една од многуте историски случки во серијата што започна на 9ти мај годинава, со најавата од Цариград дека Вселенската Патријаршија ќе ја признае афтокефалноста на МПЦ-Охридска Архиепископија.

   Во патријаршиската соборна црква Св. Ѓорѓи победоносец во Цариград заедно сослужеа Вселенскиот партијарх Вартоломеј и Архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. За многумина ова е историски чин бидејки г.г. Стефан беседеше во Цариградската патријаршија на македонски, а посебна чест му беше уприличена и на македонскиот премиер Димитар Ковачевски кој седеше на престолот веднаш до патријархот Вартоломеј и се обрати на македонски на присутните владици, свештеници и неколк стотини мирјани (македонски православни верници) кои специјално по тој повод допатуваа во Цариград од Македонија. 

   Заедничкото сослужение во Цариград, според службените претставници на МПЦ-ОА е и круна на процесот за дефинитивно признавање на афтокефалноста на МПЦ-ОА (томосот, според нив е “само парче хартија”) и сега нашата македонска православна црква е и формално рамноправна со останатите 14 православни цркви во светот!

M-р Maртин TРEНEВСКИ, Поранешен министер и амбасадор


1017