April 20, 2024

Западно Балканска Франција!

Изминатиов период не искажав став во врска со неуспехот кој го доживува нашата земја на патот кон Европската Унија. Не затоа што го немам. Туку затоа што сето ова ми личи на една очајна комедија во која се смеат само актерите на претставата, а во очите на публиката не се ништо повеќе од еден обичен дебакл.

Само во целата приказна не знам кој е повиновен. Злосторникот или лошиот лик во претставата или пасивната жртва.

Со начинот на водењето на политиката, мислам дека Франција не припаѓа на ЕУ повеќе. Туку припаѓа на Западен Балкан. Мислам Западна Бугарија.

Според информациите до кои можевме да стигнеме на социјалните мрежи а се однесуваат на францускиот предлог, мислам дека тоа не е ништо друго освен скрипта на претставата за која ви зборувам. Во нес пишува дека мора да се обврземе да ги внесеме Бугарите во Преамбулата односно да го менуваме уставот. Па потос да им ги гарантираме правата преку акцискиот план и на крај да го менуваме образованието односно историјата се додека Бугарија не се чувствува сигурно.

  1. Прво нешто кое го прави Бугарија а на кое ЕУ изигрува слеп човек е тоа што Бугарија бара признавање на малцинството во друга земја а не признава никакво малцинство во нејзината земја. Кое директно се коси со принципите на ЕУ, кои во последно време испаруваат.
  2. Второ, дали не е срамно да се бара комплетно отстранување на поимот “ фашизам “ кога историски и светски факт е дека Бугарија беше директна испостава на Германскиот наци-фашизам? Дали е нормално да се менуваат постоечките факти? И што е најважно, дали ЕУ ќе прекине да го слави денот на Европа? Не заради нешто друго, туку заради Бугарија. Идниот сосед.
  3. Мислам дека нема нормален политичар кој би се согласил на ваков предлог и за момент се чувствувам сигурно. Но кога ќе се присетам какви ликови има во претставата и тоа како го менувам своето мислење.
  4. Парадоксално е што луѓего кои повеќе ја разбираат оваа проблематика во нашата земја не се дел од владиниот состав. Или не учествуваат во политиката или се во опозиција.

Од сите искажани ставови кои ги прочитав ги издвојувам оние на Илија Димовски и на поранешниот министер Димитров.

Мислам на ставот на Димитров за Дојче Веле. Предлогот не’ носи подалеку, а не поблиску до членството во ЕУ
Коментар за Дојче Веле:

“ Не знам што е пострашно, да им верувам на нашиве дека го немаат предлогот или да не им верувам. Ако не се во тек со предлог што се однесува на македонските маки со Бугарија, тогаш тоа е признание дека не си ја работеле работата за најважното прашање за нацијата. Ако пак го имаат, а велат го немаат, си играат со довербата на јавноста.

Да се разбереме. Предлози за решавање на проблем меѓу две страни секогаш прво доаѓаат до засегнатите страни.

Фактот што ваков предлог воопшто паднал на маса веќе е дебакл за македонската дипломатија.
Самите во Бугарија денеска велат – до сега за ЕУ ова било неприфатливо. Да, оти сме се бореле за тоа.
Како сме дозволиле сега да стане дел од официјален предлог?
Па или не сме знаела да објасниме, или не сме биле убедливи, или најстрашно – сме давале сигнали дека ќе помине се’.

Внесувањето на бугарските барања во преговарачкиот процес, и тоа во најважниот дел – кластерот Фундаменти, ни ја става судбината целосно во рацете на Софија. Ако таа не е задоволна од што било (не само внесувањето на Бугарите во Уставот), ќе си стоиме во место или ќе не’ вратат назад.
Преговорите можат да се закочат во секој момент, не од Брисел туку од Софија и од тоа колку е таа задоволна од тоа како на пример ги имплементираме измените во учебниците.

Е сега, има три прашања што бараат политичка одговорност:

  • Прво, како тоа Владата ќе се согласи во името на 2/3 мнозинство во Собранието да гарантира внесување на Бугарите во Уставот. Пазете, сопствената влада оди вон своите ингеренции, а со нејзин амин бугарското барање станува европски услов. За да можеме да ја имаме вистинската прва меѓувладина конференција, оти оваа првата е само за домашен фолклор – “Политичка меѓувладина конференција”.
  • Второ, како тоа македонската страна ќе прифати бугарско малцинство во Северна Македонија, кога бугарската страна уште има проблем со идентитетот на македонското мнозинство. Најмалку што требало да бараме како услов за уставната измена е повлекување на бугарската унилатерална нота за македонскиот јазик. Од став – можеме да иницираме уставни измени на крајот на процесот, пред да влеземе во членство, сме дошле на став ќе ветиме уставни измени уште пред да почнат преговорите.
  • Конечно, кога тоа се напуштила нашата црвена линија билатералните прашања да не станат дел од преговарачката рамка? Нели зборувавме цело време за португалскиот предлог? Таму овие прашања ги немаше никаде во рамката!
    Црвена линија не само наша, туку и на многу земји членки.
    Сега бугарските барања се внатре. Па не било каде, туку во најважниот дел што прв се отвора и последен се затвора. Па со ова, не само што не обезбедуваме отворање на нови прашања низ текот на пристапниот процес, туку на Софија и’ се дава целосна власт врз нашата судбина. Црно на бело. Една бескрајна агонија. И плус, штом еднаш помине во рамката, нема поправка. Агонија што не не’ води поблиску до членство, туку не’ оддалечува уште повеќе. Затоа на овој предлог треба да се каже: благодарам не! Ќе чекаме европски пристапен процес. Верувајте, подобро е и за вас и за многу други идни земји кандидати. Дотогаш, ќе си работиме дома.

Ова е резултат на крајно погрешната политика за ова прашање за која ја предупредив јавноста уште во јануари. Чекор по чекор, кога некои се смееја за салама тактиката. Парче по парче. Една недела им требаше за нотата, за шест месеци падна и рамката и Уставот.
Во овој предлог останат е само уште јазикот.
За жал, очигледно бев во право.
Тоа што почна со нотата до ОН, заврши со ваков дебакл. “

Што се однесува то тој на Димовски:

“ Упатство за работа:
*го користат лица кои се на власт, а не знаат што треба да прават…

  1. Се одбива предлогот
  2. Се менуваат министрите за надворешни и европски (најмалку)
  3. Се зазема цврста национална и државна политика
  4. Се формира тим за решавање на проблемот со Бугарија
  5. Се прогласува крај на било какви разговори за историја, идентитет и јазик
  6. Се зајакнуваат билатералните односи со клучните држави
  7. Се распушта Собрание и се бара политичка одлука за иднината од граѓаните

Ова ако сакате да имаме држава и да влеземе некогаш во ЕУ…
Ако не, нека ви е со среќа…

П.С. Времето за преговори за членство во ЕУ со ваква рамка е подолго од времето потребно за одбивање на овој предлог, добивање во некоја иднина нов и завршување на преговори врз база на нормалните процедури во ЕУ. “

И за крај. Мислам дека доколку продолжи оваа политика на ЕУ односно на Бугарија, ние треба да притиснеме на кочницата, бидејќи земја која размислувала за “ самоубиство “ и била уценувна од членовите на семејството никогаш не може да формира здраво Европско семејство.


1016