February 1, 2023

Фејсбук корисниците наскоро ќе може да креираат по пет профили од една сметка

Социјалната мрежа Фејсбук тестира нова опција за своите корисници што би им овозможила креирање на повеќе профили од една сметка со цел да генерира поголем број на луѓе да се приклучат или вратат назад на платформата.

„Алатката има цел да им помогне на корисниците на социјалната мрежа ‘да го приспособат своето искуство врз основа на своите интереси и односи’, вели во изјава за „Си-Ен-Ен Бизнис“, портпаролот на Фејсбук.

Фејсбук ќе им дозволи на корисниците на креираат по пет профили од една сметка за да се поврзат со различни теми и луѓе. Со ова луѓето ќе може да се поврзуваат со своите пријатели преку одреден профил, преку посебен тие ќе може да комуницираат со своите соработници и преку трет профил може да истражуваат за своето хоби и другите интереси.

Од Фејсбук велат дека корисниците ќе може да креираат уникатни имиња, за секој профил посебно, но сепак ќе треба да се придржуваат до правилата на платформата – да не ставаат лажни имиња или имиња на јавни личности. Секој корисник и понатаму ќе може да креира сопствена страница, но само од главниот профил.

Новата опција се тестира во одредени земји, но Фејсбук сè уште не открива каде.

Мета, во чија сопственост е Фејсбук, се наоѓа во транзиција во компанија што ќе биде ориентирана во виртуелна реалност, што ќе биде овозможена преку „Метаверзум“. Сепак, за да ја постигне оваа цел потребно е постојано покачување на бројот на корисници, со цел да може да ја финансира целата идеја, па затоа постојано воведува новитети. До скоро работеше на интегрирање на Фејсбук и Инстаграм како, на пример, да овозможи „рилс“ видеата што луѓето ги гледаат на нивните Инстаграм профили да може да ги гледаат и на Фејсбук .