March 28, 2024

Милошоски: Македонија не почнува преговори, туку влегува во лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од иднината и европските стандарди

Би сакал да дадам неколку коментари за денешниот настан во Брисел. Денес во Брисел имаме две држави, од кој што едната Албанија, реално ќе ги започне преговорите со отворање на реална меѓувладина конференција и Македонија која што ќе има свечен ручек и фотографија и нема да ги започне преговорите, ова денеска преку изјава за медиумите го истакна Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Туку ќе се врати дома за да ги исполни уцените и барањата од Бугарија како предуслов за некогаш по година, две или покасно да ги започне преговорите со ЕУ. Дека ова не е историски настан и дека владата прави уште една манипулација, укажува фактот што вечерва откако ќе се вратат од Брисел премиерот Ковачевски, Бујар Османи и Бојан Маричиќ, ќе одат во клубот на пратеници на затворена прослава каде што веројатно ќе има и добра храна, но доколку е историски ден нека одат на плоштад и нека го повикаат народот на заедничка прослава. Но, се гледа дека тие се срамат од ова што го прават, но се обидуваат преку пиар пропаганда да го претстават денот како голем, успешен историски ден, вели Милошоски.

Тој додава дека за жал Македонија од денес па натаму влегува во еден лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од сегашноста, иднината и европските стандарди како за секоја нормална земја која се стреми за членство кон ЕУ.

-Затоа сметам дека фотографијата од Брисел ќе ни послужи добро да ги препознаеме оние коишто во Македонија се неспособни и оние кои во соседството се способни и оваа фотографија ќе биде многу добра за генерациите да се сеќаваат кои луѓе за краткорочна политичка кариера одлучиле свесно да играат улога на предавници, вели Милошоски.


1020