October 2, 2022

Обединети во ист правец… спротивна насока

Пишува Петар Поп Арсов

Во Македонија сите политички партии се за ЕУ. Таква е сликата која што од нивна страна се презентира пред македонските граѓани. Мислам, не баш сите во буквална смисла на зборот, туку оние релевантните од власта и опозицијата кои претставуваат јадра околу кои гравитираат најголемиот број на гласачи. Е сега, дали секој од гласачите кој ја поддржува власта или опозицијата лично е за или против ЕУ, тоа е сосема друго прашање. Гравитацијата сама по себе е сила, која како таква нè принудува да припаѓаме или орбитираме кон или околу јадрата со поголема сила на привлекување, независно од диверзитетотот на нашите поединечни ставови, идеи, мислења и желби. Во конкретниов случај се работи за политички ставови и политичка гравитација. Но, и онаа вистинската, гравитацијата на Њутн, немилосрдно не принудува да газиме по земјата држејќи нè сите заедно тука на нејзината површина „обединети“, независно од тоа што можеби некој од нас сака да лета, лебди или има некоја друга специфична желба.

Така е и во политиката. Независно од шареноликоста и богатството на личните гледања и ставови за одредени прашања, силата на политичката гравитација си го прави своето, за да на крајот од денот се пребројуваме само по две основи, леви и десни, добри и лоши (ние сме секогаш добрите, а тие се лошите), способни и неспособни (ние секогаш сме оние првите), криминалци и поштени (овој пат сме оние вторите).
И така, колку и да сме за или против ЕУ како поединци, на крајот ќе бидеме онолку за или онолку против колку што се за или против релевантните политички партии на македонската политичка сцена на кои им ја даваме својата поддршка.

А, рековме дека сите се за ЕУ, обединети!

Оние помалите политички субјекти во обид да се претстават како алтернатива на релевантните, на секои избори завршуваат како обични „ненаселени сателити“ на кои нема атмосфера и услови за живот. Тие се само дополнување на демократскиот спектар кои во периодот меѓу изборните циклуси претставуваат вентил за регулирање на „атмосферскиот притисок на нашата планета, Македонија“.

Така беше до сега! Како од сега, ќе видиме?!

Се што прават, прават во името на нашето зачленување во ЕУ. Сите ја имаат истата цел, но пристапот е различен. Се разбира дека тука мислам на релевантните македонски партии. СДСМ, на пример, ја води земјата кон ЕУ по линија на послаб отпор. Активно се разговара, преговара, се прават договори врз основа на компромиси или нешта што личат на компромиси, а во суштина се отстапки и повлекувања од националните позиции со надеж или уверување дека таквиот пристап ќе ги даде потребните резултати. Така беше со Договорот од Преспа кој ни овожможи членство во НАТО, но чија што имлементација во најголема мера е поврзана со евроинтегративниот процес на Македонија. Преспанскиот договор не предвидува никакви вета или блокади на патот кон ЕУ и само во такви услови сме должни да го исполниме во целост. Тука СДСМ со својот пристап нè остави во сивата зона на уверувања и надежи дека се ќе биде во ред, а не е! Затоа некои велат дека нивниот пристап е несоодветен, несериозен, па дури и предавнички.

Слична е приказната и со договорот со Бугарија, како и целата методологија на дијалог и преговори со Бугарија. Македонија и Бугарија, иако немаа перфектни, сепак имаа далеку подобри добрососедски односи во периодот пред потпишување на Договорот за добрососедство отколку потоа. Отстапките и пристапот за решавање на прашањата по принципот на помал отпор создадоа повеќе проблеми од оние кои што реално беа решени. Играњето само на картата на политичките отстапки и повлекувања исклучиво во однос на националните интереси на македонскиот народ (политика за која што СДСМ за жал има поддршка од најголемиот дел од малцинските етнички заедници), дополнето со целосното занемарувањае на квалитетното управување со државата, отсуството на вистински реформи и борба против криминалот и корупцијата (американската амбасадорка која е силен поддржувач на политиките на оваа влада постојано и постојано повторува дека земјата се гуши во корупција), нè доведоа во безизлена позиција исправени пред потреба од уставни измени за кои во моментов релевантните политички партии делуваат во спротивна насока.
Сè во името на македонското членство во ЕУ! Правецот е ист, насоката спротивна!

Од друга страна ВМРО-ДПМНЕ игра тврдо. Укажува на оние опасности кои што со себе ги носи политиката на отстапки. Се спротивставува на очигледните отстапки и повлекување од т.н. црвени линии. Ги мобилизира и повремено умерено радикализира македонските граѓани со цел да избоксува поинакви позиции во полза на државата. Го артикулира интересот и ставот и на оние кои што се за и на оние кои што се против ЕУ, но кои во суштина се за македонска Македонија. Иницира референдум(и) како највисок чин на демократско изјаснување и повикува на обединување.

Сè во името на македонското членство во ЕУ!
Сите се за ЕУ!
Сите се за ЕУ, а евроскептицизмот постојано расте. Во 2009 година поддршката за ЕУ во земјава изнесуваше 96% кое што претставуваше поголема поддршка кон ЕУ отколку во било која земја членка на унијата. Денес е срамота да се каже колкав процент на македонски граѓани ја поддржуваат ЕУ. Овој негативен тренд се должи на слабостите во начинот на одлучување, неконзистентната политика и притисоците кои постојано доаѓаа од Брисел. Се поставува прашањето дали реалните мерења ќе покажат над 50% поддршка за ЕУ во моментов, што можеби и не е така лошо ако се имаат во предвид некои историски факти при зачленувањето на некои од поновите членки.

Конкретно примерот со Хрватска, во годината кога оваа земја стана членка на ЕУ таа имаше значително помал процент на ЕУ поддржувачи отколку во годините кога беше само земја кандидат. Уште порадикален пример имаме со Исланд кој започна преговори со ЕУ и… да ја скратиме приказната… на чекор пред полноправното членство во ЕУ ја повлече кандидатурата откажувајќи се од членство како резултат на силната поделеност во таа земја.

Дали растот на евроскептицизмот е аларм за ЕУ и еден од факторите кои официјален Брисел ќе го направат поеластичен кон Македонија, ќе видиме, но ако се имаат на ум претходните два примера ЕУ сериозно треба да се замисли на кој начин ќе ги штити сопствените интереси тука, не заради нас, туку заради себе.

Тука доаѓаме можеби до клучниот фактор кој може да влијае на забрзување на процесот на евроинтеграции. Тоа не се ниту критериумите од Копенхаген, ниту реформите, ниту владеењето на правото итн., итн. Се работи за суров геополитички интерес и превенирање на руското влијание во Западен Балкан во услови на војна во Европа. Бугарија и Романија, како поранешни членки на Варшавскиот договор, заедно со уште неколку земји кои беа дел од Советскиот Сојуз, беа примени во НАТО уште во 2004 година, не затоа што беа целосно компатибилни во наоружување, опрема и останати стандарди со НАТО, туку исклучиво заради геополитички интерес. Од истите причини, подоцна во 2007 година, Бугарија и Романија беа примени во ЕУ кое што од наша перспектива претставува интегрирање со светлосна брзина. Повторно главен фактор кој што ги внесе овие две земји во нов сојуз беше стравот од руското влијание.

Токму тој страв, кој што денес повторно ескалира кај западните партнери, придонесува да имаме нивно изразено инсистирање Македонија да ги започне преговорите. Сето тоа во комбинација со бугарската злоупотреба на моменталната состојба и односи на силите кои што владеат во светот, во комбинација со политиката на послаб отпор на владата на СДСМ, Македонија е претворена во меко ткиво преку кое забрзано ќе се затвораат дупките од кои издишува европскиот балон. Ваквото брзање за затворање на спорните прашања на Балканот (Косово, Македонија, Босна) ги разбуди заспаните апетити кај источниот сосед од каде што сега може да се слушнат разно-разни великодржавни идеи кои заговараат дури и физичко прекројување на границите, нешто кое што беше незамисливо да се слушне до пред само неколку години.

Фактот што „сите сме“ за Македонија во ЕУ и фактот што како муви без глава се натпреваруваме во тоа кој ќе даде поголем придонес за остварување на оваа цел држејќи се исклучиво за својот концепт, при што ја пренебрегнуваме штетата што ја правиме и која што е поголема од користа од нашето работење, дополнително ќе ги ослабне нашите позиции во однос на бугарскиот диктат и уцените од Брисел. На 8 Септември, денот на независноста на Македонија, се изнаслушавме пораки за обединување, и незнам што, и вака, и онака. И претседателот, и премиерот, и кој ти се не повика на обединување.

Па дај обединете се веќе еднаш!

Обединете се по прашањата од интерес на македонскиот народ и ставете крај на уцените и негирањата!

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Leave a Reply

Your email address will not be published.