ВИДЕАТА ОД ПРОЕКТОТ НА БИТОЛСКОТО ЗДРУЖЕНИЕ ‘АМАНЕТ’ – ‘ИНФОРМИРАЈ СЕ ЗА ТВОИТЕ СОЦИЈАЛНИ ПРАВА’ ОД ДЕНЕСКА ДОСТАПНИ НА ИНТЕРНЕТ

‘Информирај се за твоите социјални права’ е проект на Здружението ‘Аманет’ од Битола, кој има за цел информирање на населението, посебно на социјално загрозените семејства преку медиумите (електронски и печатени), преку социјалните мрежи, како и преку печатени флаери, за нивните социјални права, на кој начин можат да ги остварат, каде да се обратат, кои документи ќе им се потребни за нивно остварување и сл.
“Голем број наши сограѓани, за жал, се наоѓаат во социјален ризик и имаат егзистенцијални проблеми. Дел од нив се невработени, корисници на социјална помош, туѓа нега, детски додаток, но голем дел од нив поради неинформираност, не знаат како да ги остварат нивните социјални права, кои им ги нуди државата, најчесто преку центрите за социјална работа. Посебно, ова е најизразено кај ромското население, кое поради големиот број на необразовани лица, цели семејства не остваруваат дел од правата и не примаат никаква помош од државата, која со закон им следува. Има случаи кога деца немаат ниту извод од матичната книга на родените, па така не можат да се запишат во основно образование, иако е тоа со закон обврзувачко. Идејата на овој е проект е информирање на целокупното население преку медиумите и социјалните мрежи за правата и помошта од државата која им е законски загарнтирана”, вели Драган Романски, проект координатор и прв човек на ‘Аманет’.
Очекувањата се подигање на свеста на населението и запознавање со правата кои ги имаат нашите сограѓани во социјалната сфера. Добро би било, што поголем дел од нив да се инфрмираат и аплицираат за добивање на помош од државата, која им следува, а до сега не биле информирани за тоа.
Од ова здружение се сигурни дека, поради ниското образование кај дел од нашите сограѓани, голем дел од нив немаат право на повеќе видови на надоместоци и помошти кои со закон им следуваат, пред се затоа што ја немаат целокупната документација потребна за добивање на помош, а нема кој да ги едуцира и да ги упати на вистинската адреса, на кој начин и од каде да извадат соодветни документи.
Денес на каналот на ‘Јутјуб’ на ‘Битолската БТ Топ продукција’ се објавени уште три едукациски видеа, со што и официјално заврши првиот дел од проектот. Следува печатење и дистрибуција на флаери, како и промоција на аудио прилозите на РадиоБТ (www.radiobt.pelanet.mk).
Проектот е финансиран од Општина Битола.
