March 28, 2024

Започна академската година, свеченост на Технички Факултет Битола

Со посебна свеченост, во присуство на повеќе гости, на Техничкиот факултет во Битола, денес се одржа првиот академски час за генерацијата бруцоши  2022/2023. Новата академска година на техничкиот факултет ја започнуваат 120 бруцоши, а деканот Митко Костов, информираше дека оваа високообразовна институција, како еден од најстарите факултети во Македонија, продолжува да се промовира, користејќи современо методи, со цел што повеќе идни студенти своето школување да го продолжат на Техничкиот факултет, кој се одликува со добра опременост и над 50 врвни професори.

„Денешниот ден е синоним за нови почетоци на нова фаза во животот на студентите. Ова е еден од најубавите периоди во животот на младите луѓе, период кога тие треба да се доизградуваат, од културен аспект, од интелектуален аспект, од морален аспект итн. Првиот успешен чекор е направен. Се запишаа на најголемиот факултет на нашиот универзитет, сега останува со учење да го верифицираат своето знаење. Ние сме горди на нашите студенти, затоа што тоа се способни луѓе во многу полиња и може да се пофалат со идеи, со сопствен бизнис, со сопствен производ итн“, изјави Митко Костов, Декан на технички факултет – Битола.

Успешна академска година на сите студенти на Универзитетот „Свети Климент Охридски“, им посака и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој присуствуваше на првиот академски час на Техничкиот факултет.

„61 година постоење на Техничкиот факултет, навистина заслужува почит. Битола има факултет и добра база во која како општина и како граѓанско општество, како стопанство, можеме да го искористиме сето она што овие факултети отсекогаш го нудат. Машинскиот, сообраќајниот факултет, воопшто техничкиот факултет, се основата на се она што значи развој во Битола. Се надевам дека и во иднина така ќе продолжи. Сакам да им честитам на бруцошите, да бидат успешни граѓани, добри граѓани на нашата земја, на Битола и да ни останат тука, да бидат нова сила на градот“, изјави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој испрати честитки и до Игор Неделковски, новиот ректор на Универзитетот „Свети Климент Охридски“.

Градоначалникот Коњановски, најави интензивирање и зајакнување на соработката и со останатите единици во рамките на Универзитетот, во насока на понатамошно градење партнерства и реализација на зацртаните приоритети во потпишаните меморандуми за соработка.

Извор: Општина Битола


1020