Д-р Михајло Вангелов: борбата со карциномот е борба која мора да се добие
Одекнување на информации за превенција , лекување, секојдневните болки на заболените од рак на дојка и нивните семејства на среде плоштадот Магнолија е единствен и за првпат во Битола. Д-р Михајло Вангелов , специјалист гинеколог акушер во рамки на кампањата „Сите заедно во борба против канцерот“ на трибина им зборуваше на присутните и сите случајни минувачи. Тој е белградски специјалист , гинеколог акушер со најголем број на раѓања, прегледи и оперативни зафати во Клиничка Болница во Битола, оженет и татко на две деца. Зборува три јазици, а го познава и јазикот на политичарите – тој е актуелен советник во Советот на Општина Битола.
Пеланет : Американските статистики ( тие се наметнале како најголеми статистичари) проценуваат дека 1 од 8 жени годишно може да заболи од рак на дојка. Што зборува нашата статистика – колку заболуваат македонските?
Д-р М.Вангелов-Ракот на дојката е најчесто малигно заболување кај жените и најчеста причина за смрт. Секоја осма жена ќе се соочи со ова заболување во текот на својот живот. Смртноста од рак на дојка е повисока во земјите со низок и среден приход, додека во развиените земји смртноста е пониска, дури се забележува и тренд на намалување во земјите во Западна Европа, САД, Канада и Австралија. Тоа се воглавно земји кои започнале со програми за превенција и рано откривање на рак на дојка. Раната детекција на ракот ќе ја намали смртноста и до 30%. Бројот на заболени и умрени жени од рак на дојка се зголемува со возраста, значително по 45-тата година од животот, а најчесто над 50-годишна возраст. Кај нас конкретно во Р. Македонија стапката на морталитет од рак на дојка во 2021 година изнесува 32,2 на 100.000 жени , исто така во земјава лани беа регистрирани 988 новозаболени жени од рак на дојка и 316 смртни случаи, што значи дека смртноста е тука немаме некој драстичен скок или пад на бројките кога морталитетот е во прашање. Најмладата пациентка кај која е дијагностициран карцином на дојка во нашата земја за минатата година има 27 години.Како еден статистички податок од Светската Здравствена Организација стои дека најмладиот пациент со карцином на дојка имал само 2 години. Најголемиот број на пацеинтки кај нас кои имаат карцином на дојка се на возраст од 50-60 години. Еден интересен факт е дека 5% од вкупниот број на заболени со карцином на дојка за минатата година припаѓа на машката популација, што значи карциномот на дојка не ја заобиколува машката популација.
Пеланет: Кога се работи за Здравје, три работи се најважи : превенција, превенција, превенција.
Д-р М.Вангелов -Јас често пати знам да потенцирам скрининг, скрининг , скрининг е најбитната алка во борбата со карциномот. Со оглед на тоа дека основната причина за рак на дојка е непозната, не е можно да се препорача некој метод кој жените би го користеле за да се спречи појавување на ракот на дојка. Ракот на дојката е прогресивна болест, па малите тумори може да се сметаат за рана болест, имаат подобра прогноза и поуспешно се третираат. Скринингот претставува тестирање (преглед) на жени, без присутни симптоми на болеста, со цел да се открие ракот на дојката во неговиот претклинички стадиум. Со раното откривање на ракот се продолжува животот на жената и се намалуваат трошоците за лекување. За рано откривање на ракот на дојката се користат методи кои може да откријат тумор кој не е палпабилен. Освен годишните медицински прегледи, сите жени независно од возраста би требало да спроведуваат месечни прегледи на дојките и тоа самопреглед , тоа е првиот начин за најрано откривање на било какви промени во дојките. Причината е единствена: жената најдобро го познава своето тело и најрано ќе забележи било какви промени на своите гради.

Во дијагнозата на клиничкиот карцином на дојка мамографијата претставува „Златен стандард“.Мамографијата е радиолошка метода на снимање на дојките без примена на контрастно средство. Претставува најефективна и најзначајна метода за дијагностицирање на патолошки состојби на дојката. Меѓутоа со комбинација на ултразвучен преглед и мамографија се постигнува точност во потврдувањето на дијагнозата од 98%, со напомена дека податоците добиени за време на клиничкото испитување биле задоволителни. Кога горе во текстот го споменав она мое познатото скрининг , скрининг, скрининг, контрола , контрола , контрола иако за некого звучи здодевно но, тоа е она со кое што можеме да превенираме толкав голем број на пациенти со карцином на дојка. Кај нас да бидам искрен како да фали медицинска култура кај пациентите, што сакам да кажам со тоа , граѓаните како да ја занемаруваат грижата за своето здравје и често се служат со она нашето ” До каде е пишано”или “или што има да одам на лекар не ми е ништо јас не сум бил на преглед години сум немал потреба” мислејки дека тоа е некоја позитивна констатација е поради тоа се прават ќе речам огромни грешки, мегутоа секој човек е творец на сопственото здравје или болест. Треба да се водиме по онаа општопознатата дека Здравјето е најголемо богатство и редовно да се прават контроли и да се трудиме да ја подигниме медицнската култура и грижата за нашето здравје.

Пеланет: Во Македонија сеуште не зборуваме за излечени пациенти, туку за смртност кадешто причината е ракот на дојка. Каде грешиме?
Д-р М. Вангелов -Како што напоменав во Р. Македонија стапката на морталитет од рак на дојка во 2021 година изнесува 32,2 на 100000 жени. На светско ниво, ракот на дојката, е најчест рак кај жените, афектирајќи околу 10 % од женската популација во некоја етапа од нивниот живот. ВНИМАВАЈТЕ НА ОВА СЕКОЈА МИНУТА ВО СВЕТОТ ПОЧИНУВА ПО ЕДНА ПАЦИЕНТКА СО КАРЦИНОМ НА ДОЈКА. Секој час во светот се дијагностицираат по 8 жени со напреден стадиум на болеста. Покрај напорите што се прават за да се постигне рана детекција и ефективен третман, околу 20 % од пациентите со рак на дојката умираат од оваа болест. Според ова, ракот на дојката е втора по честота причина за смрт од малигни заболувања кај жените. И самите сме сведоци на големиот број заболени жени, но што е уште позагрижувачко, е дека се работи за жени од помладата популација. Свеста кај жените во врска со оваа болест – рак на дојката не успева да проработи доволно. Се чека последниот воз за да се отиде на контрола, фаза до која можеби и нема назад. Што значи проблемот е и на светско ниво не само и кај нас. Во Р. Македонија постои националната програма, стратегија за рано откривање на ракот на дојка во програмата започна да се спроведува од 2015 година. Жени на возраст од 50-69 години се покануваат за мамографски преглед на две години преку повикувачки писма/покани, кои се испраќаат по пошта, користејќи податоци од компјутерски софтвер и хардвер, кој е есенцијален елемент за повикување на жените. На државно ниво центри за времена дијагностика има доволно било во државните установи или приватни установи. Најголемиот проблем со кој се соочуваат пациентките е немањето на слободен термин за кој пациентките можат да чекаат по повеќе од 30-40 дена во различни општини низ државата. Потребно е да се направи измена во моделот на закажување на овие прегледи со што пациентите не би требало да чекаат толку долго за оваа есенцијална дијагностичка процедура која што би можела да значи живот. Секоја општина во Р.Македонија треба да се труди да ја подига свеста на граѓаните за редовни прегледи и скрининзи. Неодамна под покровителство на Општина Битола и благодарение на две прекрасни девојки Тамара и Викторија се организира прекрасна трибина “Сите заедно во борба против карциномот” каде јас имав свое излагање пред многубројните присутни и се надевам успеав да им врежам во главата на сите што тоа значи карциномот на дојка и колку е битно навремено да се дијагностицира.

Пеланет: Анџелина Џоли заради постоењето на генот БИРЦ во нејзиниот организам направи двојна мастектомија. Кој е ефектот од нејзината постапка во Македонија, ако воопшто го има?
Д-р М.Вангелов Интересен податок и да се напомене , мајката, бабата и тетка на светски познатата глумица Анџелина Џоли починале од карцином на дојка и оваријален карцином, самата Анџелина беше носител на генската мутација БРЦА1. Со самото тоа што таа е носител на оваа мутација имаше шанса за развивање на карцином на дојка 87% и 50% за развивање на оваријален карцином во текот на нејзиниот живот. Со правењето на овие оперативни зафати превентивната мастектомија и превентивната салпингооофоректомија го намали ризикот под 5% за настанувањето на евентуален карцином на дојка или јајник во текот на животот. Овај чекор на познатата глумица одекна силно во јавноста и некаде се нарекува “The Angelina Effect” , но овај потег кај нас но и на светско ниво потпомогна во подигањето на свеста кај некои луге за навремено дијагностицирање и испитувањето на евентуалната генска мутација БРЦА 1,2. Превентивната мастектомија се изведува за да се спречи развој на рак, индицирана е само за жени со многу висок ризик од оваа болест, како што се оние кои имаат позитивна семејна историја или кои имаат генетски промени кои можат да предизвикаат рак на дојка познат како BRCA1 и BRCA2. Кај профилактичката мастектомија по правило сочуван е поголемиот дел од кожата и брадавицата со ареолата. Зрачната терапија не е индицирана бидејки најчесто доага во обзир непосредна реконструкција со импланти (direct o implant). Ако брадавиците и ареолите се зачувани додатни процедури теоретски не се потребни – еднократна реконструкција.
Пеланет: Кои се првите 5 симптоми кои треба да не натераат да се посомневаме?
Д-р М.Вангелов – За да се открие некаква промена во градата, пред сé неопходно е да се знае што е нормално за дојките во смисла на изглед и конзистенција. Во овој случај, доколку имаме појава на некоја абнормалност и промена во изгледот, структурата, конзистенцијата, симетричноста на градата, сето тоа може лесно да се забележи и воочи. Доколку се забележат промени, веднаш треба да се консултира со лекар, во најкраток можен рок, без одлагање дека промената сама ќе се повлече. Во почетните стадиуми на ракот на дојката обично нема никакви симптоми или сосема незабележителни знаци. Меѓутоа со прогредирање на процесот и растење на туморот, ќе се забележат воочливи симптоми. Особено жените треба да внимаваат на:
– појава на јазли, тврди маси во дојките – јазолчињата во дојките обично се безболни, иако некои можат да предизвикаат чувство на влечење;
– болка;
– oток под пазувите;
– видлива рамнина или вдлабнување на дојката, која можеби укажува на тумор кој не може да се види ниту напипа;
– секоја промена на кожата на дојката во контурата, составот или температурата на дојката, црвеникава изразена површина како кора од портокал е симптоматична за напредниот стадиум на карцином на дојка;
– промена на брадавицата, слично на вовлечен или набран изглед, чешање и печење, или гноење или пак лупење на брадавицата симптоматично за Пеџетова болест);
– необичен исцедок од брадавицата кој може да биде бистар, крвав или со друга боја обично предизвикан од обични нарушувања, но можно е и како последица на рак;
– чувство на влечење на кожата на дојките.
Пеланет: Кои се чекорите кои треба да се направат откако ќе се добие (кај нас сеуште) поразителната дијагноза?
Д-р М.Вангелов -Откако ќе се добие оваа дијагноза треба да се биде посилен од било кога , да се биде психички силен и да се направи правилно планирање за понатамошниот тек. Планирање на лечење почнува неколку недели по поставувањето на дијагнозата. Свое мислење за терапијата можат да дадат и онколог, хирург, гинеколог, радиолог.
Терапијата може да биде локална или системска. Хируршката интервенција и радиотерапија се локални, додека хемотерапијата, хормонската терапија и биолошката терапија се системски.
Хируршкото лечење е најчест начин во третманот на рак на дојка, а постојат неколку типови интервенции: Операција со која се отстранува туморот, ама не и дојката. Лампектомија и сегментална мастектомија се вакви типови операции.
По операција повеќето жени се решаваат на радиотерапија. Реконструкција на дојката често се прави или за време или по операцијата. Во повеќето случаи хирургот исто така ги вади лимфните јазли под пазувите за да се утврди дали туморските клетки се прошириле во лимфниот систем. Кај лампектомија хирургот го отстранува туморот и дел од здравото околно ткиво. Често се отстрануваат и пазувните лимфни јазли. Кај сегменталната мастектомија, хирургот го отстранува туморот и поголем дел од околното здраво ткиво. Понекогаш се отстранува и дел од ткивата помеѓу туморот и градните мускули, а исто така и пазувните лимфни јазли. Кај тотална мастектомија се отстранува целата дојка и лимфните јазли од пазувната јама. Радиотерапија – високоенергетски зраци кои ги уништуваат туморските клетки. Може да се работи за надворешна радиотерапија со помош на апарати за зрачење или за внатрешна, каде што во дојката се ставаат пластични цевки кои што содржат радиоактивен материјал. Хемотерапија е употреба на лекови со цел да се уништат туморските клетки. Често се работи со комбинација на цитостатици кои се земаат како таблети или инјекции. Хормонската терапија го стопира развојот на туморските клетки со помош на хормоните. Биолошка терапија е вид на лечење кое го јакне имунитетот за заштита од рак. Пред оперативниот зафат секако е потребно да се проверат туморски маркери на дојката Ca 15-3. Доколку се тие во граница на нормалата, тоа е добар прогностички показател во смисла на излекување на болната, односно значи дека болеста не напредувала по крвен пат. Многу е важно точно одредување на типот на рак на дојка, со оглед на тоа дека постојат неколку типови со различен третман и прогноза. Несакани ефекти од лекувањето има но тоа е единствениот начин со кој може да се изборите со оваа чума.

Затоа како последен совет грижете се за својето здравје , грижете се за себе, бидете здрави и секогаш верувајте дека можете да ги надминете сите проблеми кои можат да се исправат пред вас.