March 28, 2024

Медал за заслуги за 13 музички творци

Претседателот Стево Пендаровски, на свечена церемонија во Филхармонија, во пресрет на 11 Октомври, Денот на народното востание, ги одликува Анка Гиева и Виолета Томовска, и постхумно Пеце Атанасовски, Никола Бадев, Мирвет Беловска, Ајри Демировски, Васка Илиева, Вања Лазарова, Кирил Манчевски, Тале Огненовски, Кочо Петровски, Александар Сариевски и Јонче Христовски со Медал за заслуги за Република Северна Македонија.

Одликувањето се доделува за нивниот најголем придонес во негувањето, популаризацијата и во зачувувањето на македонската народна и изворна песна, како и за промоција и за афирмација на македонското музичко творештво и на културата во интернационални рамки.

„Бардот на македонскиот мелос, Никола Бадев кој интимно ја доживуваше песната и емотивно се вградуваше во неа.  Александар Сариевски. Овој уметник што се раѓа еднаш на 100 години испеа стотици песни, меѓу кои и антологиската „Зајди, зајди, јасно сонце“. Кон нив природно се надоврзува Васка Илиева, некрунисаната кралица на македонската изворна песна. На истата генерација и припаѓа и Вања Лазарова, вокалист од светски калибар. Денес се сеќаваме и на дебарчанката, Мирвет Беловска, која од љубов кон песната го отфрли фереџето, за да може слободно да настапува. Од Дебарскиот крај е и великанот на градската, лирска и елегична народна песна, Кирил Манчевски. Во оваа прилика се потсетуваме и на најголемиот боем во својата генерација народни уметници, Јонче Христовски. Овој пејач, текстописец и композитор, како никој друг знаеше да се соживее со песната и да ни помогне да се препознаеме и во радоста и во тагата.Меѓу великаните е и Ајри Демировски, кој далеку од родниот крај со едноставни ноти и зборови знаеше да искаже најдлабоки емоции. „Битола мој роден крај“ е песна која многумина ја сметаат за песна на векот, а еден нејзин стих е испишан и на неговата надгробна плоча во Измир, Турција. Анка Гиева ја започна својата кариера со „Елено ќерко“, а се прочу со легандарните „Кажи, кажи либе Стано“ и „Ајде, слушај, слушај, калеш бре Анѓо“.Со нас денес е и Виолета Томовска која во изминативе 60 години сними над 1000 песни.Сите овие вокални уметници во своите кариери настапуваа со бројни оркестри и солисти, но, меѓу нив, три имиња се издвојуваат. Недостижниот мајстор, солистот на гајда, Пеце Атанасовски, беше истовремено и кореограф, играорец, педагог и основач на фестивалот на народни инструменти и песни што изнедри врвни етно-музичари. Тој не дозволуваше шундот до продре и да ја загади чистата народна традиција. Второто име на оваа листа е неповторливиот Тале Огненовски, првиот Македонец кој настапил во „Карнеги Хол“, еден од најголемите виртуози на кларинет во светот, чиј опус вклучуваше народна, класична и етно-џез музика. Легендарниот Кочо Петровски, пак, со својата хармоника и оркестар компонираше незаборавни сплетови на ора и песни што и ден денес се изведуваат. Многу наши естрадни ѕвезди ги започнаа своите кариери токму во негова придружба. Ова се најголемите источници на македонската народна музика и песна. Секој од нив заслужува посебна чест и церемонија, а, заедно ни ги презентираат многубројните слоеви на изворната македонска народна музика.“ – рече претседателот Стево Педаровски на свечената академија.

Извор: прес служба на Претседателот


1018