Политичарите го честитаа празникот
Стево Пендаровски ,
„Денес после 81 година од почетокот на антифашистичката борба која ни донесе слобода и македонска држава, заедно со целото човештво сме исправени пред нови искушенија. Покрај сите здравствени, економски, безбедносни и енергетски проблеми, ние се сочуваме и со длабока поделеност во македонското општество. Како што излегувајќи во партизани, зад слободарскиот бајрак, застанаа левичари и десничари, Македонци и припадници на останатите националности, селани, работници, еснафи и поимотни, така и сега треба да се сплотиме и заеднички да се соочиме со проблемите.“
Димитар Ковачевски, премиер
„Победничкото антифашистичко народноослободително движење, на првото заседание на АСНОМ го официјализира и идеалот за македонската држава и ние како граѓани, сме и мораме да бидеме вечно благодарни. Го продолжуваме нивниот пат во истата насока, избирајќи го напредокот и мирот на државата и создавајќи подобар живот за сегашните и идните генерации. Обединети, на вистинската страна продолжуваме напред. Нашите најголеми победи како во минатото, да ги направиме најголеми успеси во сегашноста и иднината“
Али Ахмети, претседател на партија ДУИ – не можеме да пренесеме никаква информација, на веб страната на партијата не функционира копчето за Македонски и Англиски јазик.
Христијан Мицковски , претседател на партија ВМРО-ДПМНЕ
„Борбата за Македонија никогаш не престанува, било да е тоа борба за напредок и подобар живот, било да е тоа борба против повампирените хегемонистички апетити кон Македонија. Токму денешниот празник е најдобар доказ дека идеалот за Македонија и патриотизмот е најсилно оружје на еден човек. Партизаните тој 11-ти Октомври 1941 година, како и нивните претходници револуционери покажале невиден хероизам да се спротивстават против фашистичкиот и секој друг окупатор на татковината затоа што ги водела љубовта кон Македонија. Таа љубов гори во нас и нема да дозволи никој да се пазари со националните и државните интереси”, напиша Мицкоски во честитката.
Димитар Апасиев , претседател на партија Левица
Овој 11 октомври е најважниот празник што некогаш ќе го прославиме. Сега, повеќе од било кога, треба да се потсетиме дека кога нештата изгледале безизлезни, кога бугарските фашисти со амин на Хитлер шетале по македонските улици, една група ДЕЦА решиле да не очајуваат, туку да земат пушка во рака и да се борат за својата слобода.
11 октомври не е авантуристички, терористички чин – тоа е одмерен и добро испланиран акт, по правилата и начелата за кревање востание во памфлетите на СССР, тие мајстори за кревање револуција кои 24 години порано покажаа дека работниците и селаните можат да ја поразат и царштината!
11 октомври не е ниту прв, ниту единствен напад врз бугарските фашисти, туку е клучниот чекор кој млади храбри комунисти го превземале за да го усмерат револтот на народот во вистинската насока – во вооружена анти-фашистика борба против Силите на Оската.
До моментот на објавување на веб- официјалните интернет страни на други партии не пронајдовме објави за 11 Октомври.
Извор: официјални инернет и ФБ профили