Периката за беспрекорен изглед на болните од рак
Октомври е месец во кој светот се осврнува на проблемот со т.н ракови болести особено ракот на дојка. Пеланет се вклучи во кампањата, којашто во Битола ја „донесоа“ две млади девојки Тамара Илиевска и Викторија Брдаровска. Тема на денот – перика.
Ракот на дојка и сите други често вклучуваат хемотерапија и третман на зрачење. А тоа е третман кој како последица причинува опаѓање на косата, веѓите,трепките. Тоа силно негативно влијае на психилошката состојба кај многу пациенти, особено кај жените кои косата ја сметаат за својата втора надворешна карактеристика на женственост. Оваа промена влијае на нивната самодоверба и подготвеноста да се справуваат со предизвикот здравјето да си го донесат во „нормала“. Практика е пациентите да имаат една перика, и многу марами со кои ја покриваат главата со коса којашто паѓа и расте постојано меѓу два третмани.

Една перика чини од 7.000 денари нагоре.
„Периките со природна коса може да чинат и до 40.000 денари“ – вели Сашка Кузмановска, изработувач на перики. Желбата да помогне на лицата за чии борби со ракот на дојка дознавала ја водела до тоа што е денеска – изработувач на перики кои се подаруваат.
„ Навременото дијагностицирање на канцерот, третманот и грижата за болните треба за секого да е иста, без разлика на тоа од каде сме, кои сме и што сме – сите сме луѓе, сите заслужуваме да сме среќни… Почнав да читам статии, да изучувам се за канцерот и сите поврзани болести, хемотерапиите, останатите лекови и сл. После долгото распрашување, пребарување заклучив дека во Македонија нема ваква гранка за изработка на перики. Па одлучив ете – на тој начин ќе насмевнам некого, ќе му ја вратам изгубената волја, ќе допринесам барем малку да се почувствуваат исполнето и знаат дека некој секогаш ќе е до нив“ – ни одговори Сашка Кузмановска на прашањето што ја поттикна и , како го научи занаетот.
„ Случајно во екот на ковидот налетав на една жена од Австралија која што изработува перики. Се слушнавме, јас и ја објаснив целата моја идеја и жената веднаш се согласи да ми го предаде занаетот. Но, онлајн. Неможеше на друг начин и јас (помислив н.з) подобро нешто отколку ништо. Свесна дека болеста секојдневно зема се поголем замав сакав што поскоро да научам да изработувам. После толку време јас ги усовршив тие перики и станав прва личност во Македонија која што изработува перики од природно влакно“.

Во моментов изработува 15 перики од природно влакно наменети/ подарени на дечиња кои што боледуваат од Алопеција(автоимуна болест при што се нападнати фоликулите на косата). Дел ќе бидат подарени на Детска Клиника – онкологија и дел на Онкологија Скопје.
Изработката на перика не е едноставна работа, бара трпение , прецизност, но и специфични материјали. Најпрвин неалергиско платно за „капата“ на периката, а потоа, коса. Може ли да ги изброите влакната на вашата коса, ете толку е макотрпна оваа работа. А сепак Сашка го посветила својот и животот на своето семејство кон оваа хумана работа. Формирала претпријтие, „Инфинити Лајф КС – Кавадарци“ и започнала да работи најпрвин на прибирање донации од коса.
„Почнав соработка со многу фризерски салони низ Македонија, кои што ја донираат косата, во меѓувреме ме контактираат и физички лица кои што сакаат да донираат, но не само од Македонија, туку и надвор од неа. Зачудувачки, но, еден ден ме исконтактира една млада мајка на 4 годишно детенце од Италија, како слушнала и јас се чудев но, после неа ме исконтактираа и лица од Турција, Бугарија, Грција, Србија, Франција, Словенија, Холандија, Германија. Јас вечно ќе им бидам благодарна на овие личности, затоа што пак ќе кажам освен материјалите без нивна помош немаше да успеам . Мојата соработка со сите фризерски салони продолжува и натака, а јавен апел упатувам и до сите останати фризерски салони низ Македонија, да се вклучат во оваа хумана акција. “

„Процесот за изработка на една перика е многу макотрпен, една перика се изработува речиси месец дена, со тоа што периката се изработува рачно, односно е 100% рачна изработка, се изработува влакно по влакно и затоа одзема толку време, се изработува со материјал кој што е прилагоден на кожата и не допринесува до никакви иритации на главата. Периките се изработуваат по нарачка, исклучиво од природна коса и заради тоа што секоја глава е различна големина затоа, јас се среќавам со пациентите, им земам мерки и врз основ на тие мерки се шие ( изработува ) периката. Секоја перика ја изработувам со полно срце и многу, многу љубов. Знам дека косата е многу важен детаљ за нашиот идентитет и без разлика дали е дете, жена или маж, секој сакам да се чуствува удобно, убаво. А верувајте за таа насмевка се живее, тоа насмеано лице, тие светнати очи откако се стави периката, тоа чувство не се опишува. Само доживува. “
Најемотивна сепак е директната средба со пациентот кој бара помош, вели Сашка Кузмановска.
„Знаете, секогаш кога ќе дојдете во контакт со некој непознат пристапот е чуден, незнаете како да се однесувате, а истовремено и полн со емоции, поготово кога ќе се сретнам со тие мали дечиња а и повозрасните, кои што знаете низ што поминуваат, е тогаш треба да ги стегнете забите и да се насмевнете, укажете дека вие сте дел од светлата точка и толку вие ќе бидете причината за нивна насмевка, веднаш се поврзувате со нив, барем јас. Веднаш се поврзувам, почнуваме муабет, им давам сила и мотив, дека се ќе биде многу подобро, дека оваа перика ќе е иста како нивната коса, а моментот откако се стави таа перика, неопислив. Пак ќе напоменам тоа нешто не се опишува туку доживува. Тогаш се измешани емоциите, плачење но, од радост и среќа. Милион насмевки кои го греат срцето а знаете токму вие сте причината за тоа.
Секогаш се држам до тоа мото – здравиот има многу желби, а болниот една – да оздрави. А јас тука поврзувам и сите вие ќе оздравите, но, мојата помош и поддршка секогаш ќе ја имате. Секој од пријавените ќе добие перика а со максимална посветеност и помош од многу компании ќе успееме и изреализираме за повеќе насмевки.“

Кузмановска работи без никаква помш од државата. Зад неа досега застанале неколку амбасади, а таа секојдневно се обраќа на потенцијални спонзори чии средства се користат за набавка на материјалите. Неретко, вработените во фирмите ѓто ги посетува се донаторите на коса.
„Како што напоменав и погоре, Инфинити Лајф е прва компанија во Македонија за изработка на перики од природно влакно, тоа спаѓа под изработка на медицински помагала . Но, помош од државата немам, се борам самата. Целта на овој проект, поради тоа што знам дека природните перики се многу скапи и не секој може да си ги дозволи ми беше, овие перики да бидат бесплатни, да се подаруваат. Секоја перика која што е врз основ на спонзорство од фирма се подарува со присуство на овластено лице од таа компанија, затоа што сакам секој да почувствува на своја кожа, многу е лесно да кажеме „еј тој се бори со карцином!“. А дали вие знаете колку е тешко, дали знаете колку чинат терапиите, лекувањата или пак тие перики да се купат . Зборувам за природни не синтетички перики. Па затоа ајде сите да се собереме и покажеме дека Македонците се голем и хуман народ. Заедно можеме да допринесеме до многу, многу насмевки. “