June 8, 2023

Италијанскиот амбасадор Силвестри деновиве во Битола, оддаде почит на загинатите војници од Прва светска војна

Пред Споменикот во Градскиот парк во Битола, во присуство на амбасадорот Андреа Силвестри, денес беше оддадена почит на загинатите италијански војници кои за време на Првата светска војна се бореле на Македонскиот фронт.

Во своето обраќање пред присутните претставници на дипломатскиот кор, АРМ и воениот корпус, градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, потсети на богатата, но и тешка историја на Битола од Првата светска војна:

„Како што напомена и амбасадорот, од 1916 година до 1918 година, за време на борбите во Првата светска војна, италијанскиот контингент на оваа територија достигнал околу 50 илјади војници, а Спомен обележјето е посветено на околу 8000 италијански жртви во таа војна.

Но, податоците говорат дека за време на Првата светска војна, Битола, по Францускиот град Верден, бил најбомбардираниот град и затоа го носел името град-страдалник. Биле убиени 4224 цивили, претежно жени и деца. Евидентирани биле над 500 ранети, со над 850 срушени куќи и згради, речиси ист број запалени објекти. За време од една година, од ноември 1916 до декември 1917 година, градот бил бомбардиран со гранати со голем калибар кои предизвикувале голема материјална штета, како и со бомби со отровен гас.

И покрај сите овие страдања, Битола се издигнала повторно со својата препознатлива карактеристика на космополитизам, пријателство, соживот и заедништво. Од ова спомен обележје, денес повторно испраќаме порака, дека на ова свето парче земја, никогаш не треба да се повторат воени дејствија. Битола останува отворена за сите братски народи и добронамерници, да ја споделува својата историја, градејќи светла иднина“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски во своето обраќање.


1006