April 19, 2024

Со велосипедски патеки до подобра урбана мобилност во Битола

Во Битола се одржа јавна дискусија на тема: „Урбана мобилност – можности, практики и одржливи проекти“. Учесниците на јавната дискусија ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој рече: „Денешната тема “Урбана мобилност – можности, практики и одржливи проекти“, ги третира токму најважните прашања, за кои како локална самоуправа настојуваме да спроведеме одржливи решенија, кои истовремено ќе овозможат подобрување на можностите за транспорт во Битола, заштита на животната средина, а сето тоа ќе претставува и соодветно постапување во услови на енергетската криза со која сме соочени“, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.

Ова е првата активност на неодамна формираниот Локален економско-социјален совет (ЛЕСС).

Заменик претседавачот на ЛЕСС и секретар на општина Битола, Борче Димитровски, во својот говор насловен: „Имплементација на проекти и одржливи решенија во областа на урбаната мобилност во општина Битола – активни постапки и планови“, информираше дека, конечно она за што се говори повеќе од една деценија во Битола, за неколку месеци ќе почне да се имплементира. Тој нагласи дека, оваа локална самоуправа, поддржувајќи го континуитетот, одлучи да изврши проверка на изготвената документација во изминатиот период во соработка со стручни лица, така што општина Битола во моментот има основен сообраќаен проект со одобрение, а во фаза е изработката на градежен проект. Овој проект го опфаќа прстенот околу центарот, односно големите булевари, а во првата фаза ќе се започне со велосипедски патеки на улиците Васко Карангелевски и Партизанска. Со целосната реализација на проектот, ќе се овозможи растеретување на сообраќајот во централното градско јадро, со што ќе се овозможи непречено движење со велосипед по велосипедски патеки од периферијата до центарот. Димитровски нагласи, дека во насока на подобрување на урбаната мобилност, особено е важна и изработката на генералниот урбанистички план, која е веќе започната, затоа што стариот ГУП на Битола, бил изготвен во 1999 година, согласно тогашните потреби на градот.

Во делот на урбанистичкото планирање и урбаната мобилност во Битола, говореа Благојче Цветковски и Томе Кукановски, од јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг при општина Битола.

Професорот Никола Крстаноски, од Техничкиот факултет во Битола, стави акцент на изворот на проблемот во современите градови и современиот пристап за негово решавање преку одржлива мобилност, специфичностите кои бараат посебен пристап, недостатоците кои датираат од минатото, проблемите со постојното законодавство и уличната инфраструктура, како и проблемот со организацијата на јавен градски превоз.

За искуствата од Скопје во однос на планирањето и одржливата урбана мобилност, зборуваше Снежана Домазетовска од одделението за урбанистичко планирање при општина Центар, член на Здружението „Скопје на точак“.

На јавната дискусија, присуствуваше и Душан Петриќ, претседател на советот на општина Стари град, кој ги пренесе искуствата и состојбите во збратимениот град на Битола, Стари град – Белград.

Настанот се реализираше во рамките на проектот „Унапредување на социјалниот дијалог во заедницата“ на МКЦ Битола, со поддршка на Меѓународниот центар Олоф Палме од Шведска.

Извор: Општина Битола

Насловна Фотографија: преземена од ФБ група „Битола на точак“/ https://www.facebook.com/BitolaNaTocak/photos/2360481177433175


1026