„Битола –Музика “ – нова книга на Александар Стерјовски посветена на 75 години од постоењето на Државно музичко училиште

Познатиот професор по македонски јазик Александар Стерјовски ја промовираше својата 8 книга од десеткнижието посветено на животот во Битола. Етнолошко-антрополошки труд кој го окупира неговото творечко внимание во последните 10тина години. Промоцијата се одвива како дел од настаните посветени на празникот на градот 4-ти Ноември, но позначајно, по повод 75 годишнината од постоењето на Државно музичко училиште, за кое нема значаен монографски труд.
„Јас имам околу 20 книги напишано, ако се бројат напишаните а не објавени книги“ ни рече професорот непосредно пред промоцијата. Овие објавените , битолското десеткнижие , сите носат наслов Битола, а секоја има и посебен наслов. Оваа последнава е насловена „Битола- Музика“
„Јас посегнав колку што можа далеку во историјата. И тоа што го најдов, да речеме, како се веселеле старите битолчани, кои инструменти ги користеле, кога почна хорското пеење, кога имавме оркестри , па концерти итн. “- вели Стерјовски објаснувајќи што се читателот или истражувачот може да најде во содржината.

Ова е книга и за музиколози и етномузиколози, вели рецензентот диригент Сашо Татарчев.Се работи за обемно дело од 360 страници со енциклопедиски карактер и со кратки срочени приказни. Секоја започнува со поширок историски контекст , за животот на тогашна Битола, а завршуваат со конкретен пример и локација “– изјави Татарчев. „Опфатен е развојот на музичкиот живот во Битола, за немиот филм, за ансамблите, за музиката во Втората светска војна; за различни музичко –говорни форми.“
Оваа книга засега ја нема по книжарниците, но во скоро време, можеби од следната година авторот Александар Стерјовски најави дека ќе може да се најде во дигитална форма на платформата https://babambitola.mk/
