April 18, 2024

Најава за 47 издание на Млад отворен театар – МОТ

Младинскиот културен центар (МКЦ) го најавува и 47-то издание на Младиот отворен театар – МОТ, еден од најстарите театарски фестивали во регионот со интернационална програма, кој ќе се одржи од 10 до 19 ноември, со 23 продукции односно 25 програмски активности. Ова издание на МОТ се случува во годината на јубилејот – 50 години МКЦ.

„Моќта на театарот и театарот на моќта, по 47-ми пат ќе пркоси и ќе ‘нервира’ со своето присуство и живост. Во годината на јубилејот – 50 години МКЦ – Млад отворен театар направи програма со која ќе биде домаќин на театри од Словенија, Грција, Турција, Велика Британија, Србија, Црна Гора и Македонија, со најмал буџет во последните 20 години. Оваа година средствата за реализација на фестивалот ни се намалени за 60%, но нашата одговорност кон безмалку половина век фестивалска историја нè предизвика да направиме уште еден програмски одличен фестивал”, истакна Русе Арсов во името на тимот на МКЦ.

Фестивалската програма започнува со дуодрамата од домашна продукција на Народниот театар Битола со „Кислород” на Иван Вирипаев, во режија на Иван Јерчиќ, која ја најавува и програмската определеност на фестивалот кон домашната продукција, во чест на повеќедецениски програмски уредник и директор на МОТ, Љубиша Никодиновски Биш, кој почина оваа година.


1021