April 19, 2024

ПОЧИНА АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ – ГОЛЕМ БОРЕЦ ЗА МАКЕДОНСКОТО ДЕЛО

Во Битола, на деведесет годишна возраст, почина Александар Поповски, борец, партизан, учесник во Демократската армија на Грција (ДАГ) во Граѓанската војна во Грција 1946-1949 година, член на елитната младинска чета на националната сегрчка организација на младите (ЕПОН), долгогодишен активист за македонските работи, домаќин, сопруг, родител, хуманист, филантроп, родољуб и патриот, претседател во повеќе мандати и почесен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола.
Александар Поповски е роден на 13 февруари 1932 година во село Долно Котори, леринско во Беломорскиот дел од Македонија. Потекнува од револуционерно семејство на сиромашни земјоделци, но големи Македонци. Неговите од семејството биле учесници во Илинденското востание. Братот на дедо му, Коле Попов бил и војвода назначен од страна на раководството на ВМРО-Обединета. Во една крвава битка кај селото Неред, го ранува големиот душман на Македонците – Павлос Мелас.
По враќањето од Узбекистан, живее во Битола со неговата сопруга Василка и нивните деца синот Петар сега покоен и ќерката Мирка.
Од дете неговиот револт расте кон режимот на фашистичкиот диктатор генерал Иоанис Метаксас, па тепан од учителката, заминува од грчкото училиште и повеќе не се враќа таму. Кон крајот на 1939 година татко му се враќа од печалба од Австралија. Истата 1939 година започнува Италијанско-Грчката војна на албанскиот фронт. Под страв од пораз на Италија, на 1 април 1941 година, Германија ја окупира Грција. И Македонците во Беломорскиот дел од Македонија и цела Грција паѓаат под германска и бугарска фашистичка окупација.
Времето на фашистичкиот диктатор на Грција генералот Метаксас во периодот од 1936 до 1941 година е еден од најтешките периоди за Македонскиот народ во Беломорскиот дел на Македонија. Метаксас строго ја забранил употребата на Македонскиот јазик, не само во секојдневниот живот, туку и во рамките на семејството. За секој јавно искажан македонски збор, надвор или во кругот на семејството, следувале тешки казни. Поради кршењето на забраната за користење на Македонскиот јазик, повеќе од 5.000 Македонци од режимот на диктаторот Метаксас биле осудени и затворени.
Во Демократската Армија на Грција, Александар Поповски пристапува на 16 години во 1948 година.
По поразот на ДАГ и повлекувањето на нејзините борци во Албанија, на 15 октомври 1949 година, единиците на ДАГ со брод заминуваат за Грузија, а оттаму со воз за Туркменистан, па во Узбекистан, во градот Ташкент. Меѓу борците во оваа депортација бил и Александар Поповски. Оттаму, започнува неговата нова голгота, преку школување, се’ до враќање во Македонија.
Целиот живот на Александар Поповски е борба за слобода и права на Македонците во Беломорскиот дел на Македонија, во сите делови на Македонија.
При живот, Александар Поповски е одликуван со повеќе признанија. Со указ на претседателството на поранешна СФР Југославија во 1987 година Александар Поповски е одликуван со орден за заслуги за народ со сребрена ѕвезда. Во 2000 година Александар Поповски е одликуван од Македонско-австралиското здружение на воените ветерани во Западна Австралија со орден за заслуги во борбите против фашизмот, за слобода и обединување на Македонија. 2000 година Александар Поповски е одликуван со медалот “Свети Апостол Павле“ од Министерството за иселеништво на Македонија. Во 2006 година Битолски весник на Александар Поповски му доделува награда за животно дело. На 9 август 2009 година Светскиот Македонски Конгрес му го доделува највисокото семакедонско признание почесната титула Македонски сенатор. Сегрчкиот сојуз на борците од националниот отпор (ПЕЕАЕА) и Сојузот на политичките бегалци (ПЕЕПП) му доделуваат медал за храброст на Александрос Пападимитриу – Искра. Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија на Александар Поповски му доделува сребрен медал “Свети Апостол Павле“.
Александар Поповски живееше борбено за трајно решение на македонското прашање, за унапредување на положбата и правата на Македонците во сите делови на Македонија.
Беше претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола во повеќе мандати. Беше основоположник и главен организатор на Пограничната средба на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Трново, битоилско. Во време на претседателствувањето на Александар Јаневски, Александар Поповски е прогласен за почесен претседател на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола.
При живот, Александар Поповски неуморно собираше доументација и пишуваше мемоари кои една година при крај на својот живот ги издаде во автобиографското дело ИСКРА, чија промоција се одржа на 7 август 2021 година на Триесет и второто Генерално собрание на Светскиот Македонски Конгрес. И покрај неговата желба да учествува во промоцијата на неговото автобиографско дело – Мемоарите ИСКРА, поради неговата здравствена состојба, книгата се промовира без негово присуство.
Мемоарите насловени ИСКРА, се сведоштво за револуционерното минато на родното место на Александар Поповски – Долно Котори, леринско, во Егејскиот дел на Македонија, со посебен осврт на Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година.
Насловот на автобиографските мемоари не случајно е искра, како аманет на чичко Александар, да се разгори пламенот меѓу Македонците во Егејскиот дел на Македонија, во Грција, во борбата за права и слободи, никогаш да не згасне борбата за Македонскиот народ и за Македонија. Неговите мемоари се историја за геноцидот и егзодусот врз Македонците во Егејскиот дел на Македонија. Неговите мемоари се историја за Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година со автентични сведоштва и спомени.
Александар Поповски во мемоарите ИСКРА зборува за борбата во Грција против грчкиот монархофашизам и странскиот империјализам.
Александар Поповски самиот вели “Овие мои сеќавања и спомени ги посветувам на сите паднати борци од народно-ослободителното движење во Егејскиот дел на Македонија, кои останаа вечно на бојното поле да бидат стражари на мирот и слободата на својот народ, како и на сите долнокоторци без разлика каде се родени и каде живеат, но во корените и срцето го носат Долно Котори. Борците никогаш нема да бидат заборавени, тие бесмртни херои вечно ќе почиваат во срцата на сите Македонци.“
Така и Александар Поповски, ќе живее во срцата на Македонците кои ги следеа неговите слободарски идеи и дела за Македонија и за Македонскиот народ во целина.
Александар Поповски во мемоарите поместува историја за неговото родно село Долно Котори, за неговата географска местоположба и природни карактеристики, за семејствата во Долно Котори, за земјоделството и сточарството, занаетчиството, бакалниците, училиштата, црквите во селото, за празниците, селските носии, адетите, приказните и песните. Понатаму, Александар Поповски зборува за Егејскиот дел на Македонија од времето на Отоманската Империја, до Грчко-Италијанската војна 1939-1940 година и германската фашистичка окупација на Грција. Александар Поповски зборува за Комунистичката Партија на Грција (КПГ), за Национално ослободителниот фронт (ЕАМ), за Грчката народно-ослободителна армија (ЕЛАС), за формирањето на Првата ударна егејска бригада, чие чествување е на 18 ноември, за воената агресија на Англија против единиците на ЕЛАС, за предавничкиот договор во Варкиза од 12 февруари 1945 година, за парламентарните избори во Грција одржани на 31 март 1946 година…
Александар Поповски во мемоарите ИСКРА пишува за биографиите на загинатите борци во ДАГ и НОДЕМ од селото Долно Котори, за евакуацијата на децата од селото во ФР Југославија, за емиграцијата во Советскиот сојуз, за животот во Ташкент, за враќањето во Македонија и за активностите на Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола чиј долгогодишен претседател беше, и негов почесен претседател.
Мемоарите Искра се искрено четиво за животот на еден Македонец за слобода на Македонскиот народ и за правата и слободите на насилно прогонетите Македонеци од Егејскиот дел на Македонија. Вреди да се прочита и да не се заборави.
И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наш брат во Господа Александар Поповски, прости му ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја неговата душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен… Ќе го посетуваме неговото вечно почивалиште, но знаеме дека неговото дело и мисла ќе не прогонуваат: Борете се за Македонците и за Македонија! Да не ги заборавите Македонците и Македонија!
Вечен му спомен и Бог да го прости, почивај во мир, брате во Господа. Телото ти го предаваме во земјата македонска, но твојата душа засекогаш, со нас бесмртно останува. Твојот лик и спомените за тебе вечно ќе ги паметиме.
Телото на Александар Поповски ќе биде изложено на 14 ноември 2022 година, понеделник, во црквата “Свети Димитрија“ во цантарот на Битола од 12.30 до 13.30 часот, а погребот по тоа ќе се изврши на Буковски гробишта во Битола.
Сојузот на здруженијата на Македонците и децата бегалци од Егејскиот дел на Македонија МАКЕДОН, Здружението на Македонците од Егејскиот дел на Македонија во Битола, Светскиот Македонски Конгрес, Матицата на иселениците од Македонија и Сојузот на Македонците со исламска религија изразуваат искрено сочувство до неговото семејство, роднините и пријателите, во татковината Македонија и насекаде во светот. Вечна му слава! Амин!


1183