САШО ПАРКЕТ – ОЧЕКУВАМЕ ПРОБИВ НА ХРВАТСКАТА ПОП РОК СЦЕНА
“Џири Џири” е новото музичко дело од битолската панк-рок група “Паркети”.
“За многу песни сме се труделе и мачеле демек за славни да станиме ова она…али за оваа песна се’ само си дојде…само љубов, другарство и без пари…онака за наш ќеф…Уживавме од почеток до крај…е сега ако им напрај и на некои вас ќеф овај далматински рокенрол евергрин уште поубо”, напиша на својот ФБ профил Сашо Паркет.
Песната е заеднички проект со легендарниот хрватски рокер и фронтмен на групата “Ѓаволи”, Нено Белан и е преработка на истоимената песна од попларната хрватска група. Ова е и поводот да поразговараме со фронтменот на групата, Сашо Паркет.
- Како се запознавте со Нено Белан и од кога датира вашата соработка?
Во месец мај отидов да работам во Ријека во еден вегански ресторан и додека престојував таму, добив прилика да ми се потпише на гитарата Нено Белан, кој живее таму. По се изгледа му се допаднав на човекот и ме покани кај него дома, бидејќи живеел блиску. Поминав таму едно попладне, се ми беше како во сон. Кога се вратив во Македонија, снимивме демо верзија од ‘‘Џири џири‘‘ и му ја испратив да ја слушне. Тој веднаш се согласи да ги пее пратечките вокали …
- Каде е снимена песната?
Гитарите, тапаните и мојот вокал ги снимивме кај мене, во моето студио. Тој ја измикса и мастерира и кај него ги сними неговите вокали. Кога отидов повторно во Ријека за спотот, заеднички ја финализиравме.
- Кои музичари освен Вас учествуваат во песната?
Песната ја снимивме ние, Паркети и Нено Белан како придружен вокал
- Каде е снимен спотот?
Спотот е целосно снимен во Ријека. Деловите со Нина се ги снимаше таа самата, со Ана Клепо. Ние дојдовме таму на два дена, на крајот на септември. И онака малку уморни од 21 часовниот пат по ривиерата. Снимивме колку што можевме кадри со нас и со Белан во студиото.
- Дали ова ќе значи ваш пробив на хрватската сцена?
Ние се надеваме дека ова ќе значи барем мал пробив на хрватската сцена. Уште е рано да се предвиди тоа, но по реакциите кои ги добиваме, има шанса и за такво нешто!
- Дали ќе има официјални промоции?
Официјалната промоција е всушност поставувањето на видеото на социјалните мрежи. Да не почнуваше Светското првенство во фудбал можеби и ќе размислевме за тоа. За нас беше најважно песната да се појави што побрзо и веднаш штом Нено Белан ја одобри финалната верзија, го објавивме спотот.
- Колку време се снимаше песната и спотот
Песната ја снимивме во јули, за два три дена во моето студио. Потоа го чекавме Белан до септември да ги испее придружните вокали и да ја измикса. Спотот се сними за два дена. Монтажата беше на главната актерка Нина Сорич. Од моја страна имаше мали корекции, можеби околу 10%. Се е снимено со многу љубов и без никакви трошоци!