October 1, 2023

Зградата на Заразно Битола не се продава, затворена е заради недостаток доктори и економските мерки на владата

Покрај гласините дека зградата на Заразно одделение се затвора заради нејзина продажба и дека вработените во страв за своите работни места барале трансфер на други одделенија во болницата за продолжување на нивниот работен стаж, тоа не е случај, барем не засега. Заразно сеуште е дел од Клиничка Болница, засега е полузатворено и, докторски кадар нема, а камоли да биде отпуштен.
Директорот на Клиничка Болница Битола Д-р Александар Обедниковски денеска даде објаснување што се случува во Болницата во последните два месеци, не само со заразно одделение туку и со одделението за физикална медицина.

Прегледите се одвиваат во Ковид модуларниот оддел


„Ги знам сите гласини, инфективно одделение (зградата) не е на продажба , а и да биде на продажба тоа одлучува само Министерство за здравство, ние не можеме да одлучуваме никогаш за таква работа. Второ, инфективното одделение е преместено во модуларната болница, заедно со микробилошкото оддление, поради тоа што имаме најава и се собираат средства од Комората на Југозападна Македонија за да го реновираат и затоа е затворено. Дополнително имаме мерки од Министерството да намалиме со трошоците на електричната енергија и греењето и поради тоа ја затворивме цела зграда.“

Сосема случајно патоказот упатува надвор од Болницата


Со затворањето на инфективното одделение, трошоците за струја и нафта за парно на битолската болница се намалиле за скоро 20% . Но, природата на болестите кои се третираат во инфективниот и одделот за специјални пулмонални заболувања ( Одделение Фтиза, популарно ТБЦ) наметнуваат потреба за посебна изолација на пациенти од пациенти и, поголем трошок за дезинфекција. Директорот состојбите ги решава една по една. Полесните пациенти ги преземаат интернистите, а болните од сезонските заразни болести може да бидат хоспитализирани во Ковид модуларната болница. Доколку се појави поголем број на случаи, одделението за физикална медицина и модуларната болница се подготвени да ги хоспитализираат пациентите. На Инфективно се останати двајца лекари и затоа работи само од 07.00ч наутро до 19.00ч навчер, потоа презема интерното одделение тука е и Ургентна медицина. И на Физикална се останати двајца доктори. Амбулантите, се комплетно оперативни. Директорот Обедниковски решението го гледа во вработувањето нов докторски кадар, ама од тоа ништо нема, барем засега. Наместо вработувања, битолчани ги лечат лекари од други градови.


„Со кадар знаете како и во цела Македонија, кадар секаде во болниците недостасува . Се надевам дека ќе има вработувања за брзо време, се’ тоа одлучува министерството за здравство, ние само спроведуваме наредби . Ние бараме 94 вработувања за битолската болница , а колку ќе одобрат тоа е до министерството за финансии и за здравство. Барањето го поднесов веднаш по стапување на функцијата, крајот на јули , почетокот на август. “
„Точна бројка колку доктори идат не знам сега, но доаѓаат, и за педијатрија, неврохирургија , и доктори за неонатологија. Таму сме со најмал број на доктори . “ – рече денеска Обедниковски.
Последната гласина на којашто денеска одговори Обедниковски е таа дека Клиничка Болница Битола не исполува услови и натаму да биде Клиничка.
„ Клиничка болница е сеуште клиничка болница и нема да го изгуби тој статус. Тоа не е поврзано само со постоењето на образовна институција туку и кои специјалности ги има.“ –вели Обедниковски.
Заинтересирани за специјализација, и за инфектологија, има, но процесот трае околу 6 години, што подразбира дека не е брзо решение. А очигледно е дека состојбите во битолската болница бараат акција за решавање, којашто не е на приоритетната листа на Министерството за здравство, барем засега.

Сосема случајно облаците над Заразно, најтемни

1019