March 28, 2024

На иницијатива на градоначалникот Д-р Тони Коњановски и директорот на Клиничка Болница Д-р Александр Обедниковски, денеска во Битола допатува Амбасадорот на Јапонија Н.Е. Савада Хиронори. Заедно направија церемонијално ставање во употреба на новиот ехо апарат во педијатриското одделение на Болницата. Се работи за јапонската донација со која се комплетира GGP-проектот во Јавната здравствена установа Клиничка болница –грантова помош за проекти за човечка безбедност и мали нови невладини организации воведена од страна на Владата на Јапонија уште од 1989 година со намера да се задоволат различните социо-економски потреби во земјите во развој. GGP обезбедува неповратна финансиска помош за невладини организации, болници, основни училишта и други непрофитни здруженија за да помогнат во спроведувањето на нивните развојни проекти.

Со апаратот ќе се намали бројката мали пациенти кои се упатуваат во Скопје


„Децата повеќе нема да чекаат долго за преглед и дијагноза и ќе се намали потребата да бараат помош во далечните клиники што создаваше дополнителен трошок за нивните семејства.” рече Н.Е Амбасадорот Савада. И потсети дека преку програмата GGP, досега, Јапонија финансирала над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од 3 милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за COVID-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со КОВИД-19. А преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирани возила за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa.
Со овој проект, Јапонија овозможи ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола да добие нов „Канон“ ехо апарат на Одделот за педијатрија, во вкупен износ од 52,779 евра. „Ова е прв ваков апарат на педијатриското одделение во последните 25 години и претставува огромна придобивка за јавното здравство во Битола и пошироко во југозападниот регион на земјата.“ – рече директорот Обедниковски.


„Како општина, која сега веќе има проектна подготвеност во повеќе области, за кои GGP програмата предвидува поддршка, очекувам дека во идниот период, ќе бидеме домаќини на претставување на нови, заеднички проекти, не само од областа на здравството, туку и во делот на образованието и инфраструктурата. „Уште еднаш голема благодарност до Амбасадорот Савада и верувам дека заеднички ќе придонесеме за реализација на нови проекти кои ни се неопходни“, рече градоначалникот Коњановски.
Во текот на посетата, Н.Е Амбасадорот Савада имаше кратка средба со градоначалникот Коњановски и директорот Обедниковски, на која разговараа за можностите за идна соработка, како и за зајакнување на соработката помеѓу двете земји, преку збратимување на Битола со градот Чигасаки од Јапонија.

Извор: Општина Битола


1028