„Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“

Насловот е темата на Чевртиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО, што веќе се одржува во Битола.
За време на форумот ќе бидат вклучени високи претставници на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО – Тераса, Лоѓ, Потсдам, Ваљадолид, Гдиња, Софија, како и претставници од домашните релевантни институции, невладиниот и бизнис секторот кои работат во аудиовизуелните медиуми како Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, телевизии,…

Форумот е поддржан од УНЕСКО преку Министерството за култура во рамки на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2022-2023 година, а го организира Филм Центар Битола, непрофитна организација посветена на развојот на филмот како уметнички медиум, основана во 2017 година. Ги координира активностите на Битола поврзани со статусот креативен град на филмот во рамките на УНЕСКО, како и голем број активности поврзани со Битола како филмски град на УНЕСКО, како и други филмски активности кои произлегуваат од специфичноста на Битола како филмски центар на Република Македонија.
Битола пак е филмски град на УНЕСКО од 2015 година.

Настаните се поделени во две групи – форум на професионалци од филмската индустрија и проектирање на филмови создадени со поддршка или само посредување на Филм Центар Битола.
Вечерва од 18.00ч во Кино Манаки ќе бидат проектирани ПОРТРЕТ НА ЖЕНА (PORTRAIT OF A WOMAN) / Наталија Дуршевич / 2020 / Полска/ 5′ / краток, МАЈКАТА / Лукаш Осталски / 2013 / Полска / 30′ / краток, КАВАЛ / Саша Станишиќ / 2020 / С.Македонија /10′ / краток .
Од 20.00часот пак ќе се прикажуваат МОЛЧЕЊЕТО Е ПРЕПИШАНО (SILENCE IS PRESCRIBED) / Микел Мисе, Аитор Агире / 2021 / Шпанија / 18′ / краток, БЕЗИМЕН (NAMELESS ) / Артуро Артал Лозано, Хуан Караскал Иниго / 2019 / Шпанија / 9′ / краток, БАРАЈЌИ СИ ЈА СРЕЌАТА / Марија Џиџева / 2013 / С. Македонија / 65′ / документарен филм.

Вчера на програмата беа филмови од земјите/ градовите членки на мрежата Филмски градови на УНЕСКО : БУШАВИ ПРИКАЗНИ (FLUFFY TALES) / Алисон Кун/ 2021 / Германија / 15’ / краток, НАТЕРАЈ ЈА ДА ТАНЦУВА (Make Her Dance) / Каролина Круз / 2021 / Германија / 3’14” / краток, ПЕНСИ И АЈВИ (PANSY AND IVY) / Кај Ун-кјонг / 2000 / Јужна Кореја / 60′ / документарен филм,
Форумските сесии вклучуваат презентации на проекти помеѓу членките од мрежата, дискусии за женското место во аудиовизуелниот сектор „Состојби и предизвици на жените во аудиовизуелните медиуми “, состаноци и посета на Саемот на креативни индустрии.
Насловна фотографија : Постер за Форум на креативн градови на УНЕСКО, Битола 2022
