Општина Новаци стабилно кон енергетска транзиција, бројни започнати постапки за поставуваање фотоволтаици

„Во услови на енергетска криза која е актуелна не само во нашата држава туку и во светски рамки, се повеќе се зголемува интересот кај приватните инвеститори за вложување во фотоволтаични и биогасни централи и други слични начини на производство на енергија од обновливи алтернативни извори. Во изминатата една година остварив многубројни средби со потенцијални инвеститори и веќе започна да се гради фотоволтаичната централа на Меј Енерџи Груп. Започнати се и постапки за изградба на две биогасни централи до 1 MW кои ќе се градат во КО Добромири. Исто така имаме една локација за изградба на фотоволтаична централа од 50 MW во КО Билјаник која има одобрение за градба и се чека наскоро инвеститорот да започне со градба. Исто така започната е урбанистичка постапка за фотонапонски и фотоволтаични централи во сопственост на државата или приватни инвеститори во селата Рибарци, Биљаник, Добромири, Новаци, Гнеотино, Гермијан, Арматуш, Тепавци, Балдовенци, Брод, Паралово и Врањевци со различни големини од 7 Mw, 7.2 Mw , 7,3 Mw , 10 Mw, 100 Mw.“ вели градоачалникот на Новаци Стевче Стевановски, на прашањата кои Пеланет ги постави на сите градоначалници во Пелагонија за барањата кои досега пристигнале кај нив за поставување фотоволтаици.

Општина Новаци се смета за најголемата жртва на загадувањата кои произлегуваат од најголемата македонска термоелектрана РЕК Битола. Науката вели дека аерозагадувачките материи најчесто се невидливи, иако во одредени ситуации, концентрациите на загадувачките материи се толку високи што во атмосферата може да се забележи жолто-кафеава или сивкасто бела магла во воздухот, смог. Ако и не го забележите смогот, општо позната е специфичната миризба во Новаци особено во есенските и зимските месеци кога производството на струја мора да биде најинтензивно.

„Општина Новаци е вклучена и во проектот ,,Just transition diagnostic” кој е финансиран од ЕУ а кој се однесува на регионите каде се користи јаглен и каде постојат термоцентрали за производство на електрична енергија кои треба да се транзитираат во наредните години кон производство на чиста енергија која нема да го загадува воздухот, водата, животната средина и нема да го загрозува човековото здравје. Со проектот се актуелизираат нашите потреби, воведување на енергетска правда за нашите подрачја, беа идентификувани клучните работи кон кои ние како локални самоуправи треба да се насочиме во следниот период за полесно преминување и исфрлување од употреба на јагленот и користење на обновливи извори на енергија.“-вели градоначалникот Стевче Стевановски.

Светската Здравствена Организација, во октомври 2013 година објави дека надворешното аерозагадување е класифицирано како канцерогено за човековото здравје, а болестите на дишите органи и кардиоваскуларниот систем се помногубројни кај населението кое живее во константн аерозагадување. Единствена, иако незначителна заштита е зелен појас.

„На моја иницијатива како исполнување на едно предизборно ветување организирав акција за пошумување во месноста викана Преслап во атарот на село Маково. Во оваа акција беа вклучени претставници од администрацијата и Советот во Општина Новаци, младите, ученици од ЦОУ ,,Славко Лумбарковски”, комуналното претпријатие ,,Комунална Хигиена”, претставници на политичките партии и Унија на жени. Засадивме багреми, донација од Македонски шуми. Голема благодарност до ова општествено одговорно претпријатие кое ја поддржа иницијативата и се вклучи во акцијата за почист воздух и заштита на животната средина.“- изјави градоначалникот Стевановски за време на отчетот пред граѓаните по една година од неговиот градоначалнички мандат. „Покрај тоа, со цел да го означиме и првиот пролетен ден од рамноденицата, организиравме акција за обновување на препознатливиот зелен појас од тополи на влезот на Новаци. Засадени беа околу 150 млади садници, на местата на исушените дрва.“ Поводи за еко акција има разни, ама целта е иста – подобрување на квалитетот на водухот.


Кон намалување на процентот аерозагадување за кој граѓаните придонесуваат и во Општина Новаци биле доделени субвенции за вградување на клима уреди и тоа за 36 домаќинства. Доделени биле и 3 милиони денари од општинскиот буџет за термоизолациони фасади, средства од Програмата за заштита на животната средина од Општината.
