February 1, 2023

БИТОЛА ПРВ ГРАД НА БАЛКАНОТ СО ОРГАНИЗИРАНА ТУРИСТИЧКА ПОНУДА И АЛАТКИ ЗА ЛИЦАТА СО ПОПРЕЧЕНОСТ

Во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост 3 Декември, денес беа претставени нови можности за подобрување на пристапноста на лицата со попреченост, до дел од најзначајните културно историски споменици во градот, преку реализација на проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кофинансиран од Програмата за прекугранична соработка со Грција, од страна на здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола.

Во рамките на проектот беа промовирани следните алатки за пристапен туризам, наменети за лицата со попречености:

– Туристичка сигналитика за 10 најзначајни културно-историски споменици во Битола наменета за лица со попречености

– Апликација за мобилни уреди – туристички водич за Битола за лица со попречености Bitola – Accessible city tour | izi.TRAVEL

– Печатен туристички водич за Битола за слепи лица

Градоначалникот на општина Битола Тони Коњановски посочи дека градот Битола добива нови можности за претставување на најважните културно-историски споменици до лицата со попреченост, што истовремено е и поддршка на културно-туристичката промоција на градот.

„Здружението на лица со телесен инвалидитет на Битола, Демир Хисар и Ресен – МОБИЛНОСТ Битола и Фондацијата за нови технологии, иновации и трансфер на знаење ГАУС Институт – Битола, со проектот кој го реализираа, овозможија, Битола за прв пат, да добие туристичка понуда за лицата со попреченост и тоа преку повеќе алатки за пристапен туризам. Со овие алатки Битола, станува прв град на Балканот со организирана туристичка понуда и алатки за лицата со попреченост.

Водејќи се од својата програмска заложба за транспарентност и достапност, како и од програмата за социјална заштита, општина Битола ја поздравува реализацијата на проектот и ќе овозможи поставување на новата туристичка сигналитика, согласно дополнувањата кои ќе бидат направени во програмата за урбана опрема и одредените 10 микролакции. На овој начин, овозможуваме функционална соработка на локалната самоуправа и невладиниот сектор, со цел реализација на нови проекти кои ќе донесат подобри услови за сите наши сограѓани.

Проектот „Алтернативно туристичко искуство – алтернативно патување“, кој е кофинансиран од Програмата за прекугранична соработка со Грција, ќе овозможи промоција на нашите културни знаменитости, а покрај туристичката сигналитика, Битола ќе добие и туристички водич за лица со попречености, како апликација за мобилни уреди, но и печатен туристички водич за слепи лица и лица со оштетен вид.

Ова е уште еден проект, важен за нашиот град и претставува надополнување на активностите кои континуирано ги реализираме во оваа насока“, рече градоначалникот Коњановски.

Претставниците на здружениетo Мобилност и Гаус институтот прим. д-р Нико Јанков и проф. д-р Игор Неделковски, му ги предадоа 10-те табли со туристичка сигналитика на градоначалникот Коњановски, со цел општината да ги постави во наредниот период пред соодветните културно историски споменици.