ЕУ стави вето за Бугарија и Романија во Шенген зоната

Бугарија доби европско вето за влез во Шенген . Со 25 гласа ЗА и два ПРОТИВ, министрите за внатрешни работи на ЕУ, денеска на Советот во Брисел, одлучија да го отфрлат приемот на Бугарија и да ја остават да чека подобри денови.

Црвено светло за влез доби и Романија, додека Хрватска од 1 јануари и официјално ќе стане дел од Шенген зоната.

Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер денеска беше најгласен, а уште пред почетокот на Советот во Брисел официјално потврди дека ќе стави вето врз Бугарија и дека неговата позиција е цврста.

– Во моментов сметам дека е погрешно проширувањето на системот што не функционира. Имаме над 100.000 случаи на нерегистрирани мигранти кои ја преминуваат нашата источна граница. Мора да видиме дали системот ќе почне да функционира за Австрија и другите земји да не се соочат со сегашниот проток на илегални мигранти. – изјави Герхард Карнер министер за внатрешни работи на Австрија.

Бугарија доби блокада и од Холандија. Премиерот Марк Руте, уште пред неколку дена го зацементира ветото, со изјава дека Бугарија ќе биде спремна за влез откако ќе ја реши корупцијата, алудирајки дека бугарските граничари се поткупливи и дека границата може да се помине со поткуп од 50 евра.

А Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, денеска ги сруши и надежите за вонреден Совет на ЕУ, следната недела, ако не се постигне позитивно решение.

– Мислам дека денес е денот. Денеска е важен ден. Денеска се важните одлуки и дискусија, како и сериозната посветеност од земјите-членки. Денеска треба да го решиме овој случај и очекувам дека ќе го направиме тоа. – изјави Илва Јохансон еврокомесарка за внатрешни работи.

По денешната одлука за влез на Хрватска – Шенген зоната на ЕУ, ќе се прошири за првпат после 10 години.

Официјална Софија пак одлуката ја прими како политички пораз со оглед на тоа дека Бугарија се приклучи на ЕУ шест години пред Хрватска. Државниот врв дури најави и одмазнички – контрамерки за земјите кои ќе блокираат.


1030