Државата се движи во погрешна насока, заклучок од анкета на Социетас цивилис
Општ недостаток на доверба во волјата и способноста на институциите да ја подобрат состојбата во земјата – ова е ставот на повеќето учесници на студијата со фокус-групи спроведена одИститутот за демократија Социетас цивилис , Скопје. Што се однесува до Собранието, учесниците најчесто истакнуваат дека институцијата е во постојана криза или блокада.
Студијата со фокус-групи беше спроведена за да обезбедат детални информации за (не)задоволството на граѓаните со квалитетот на живот во Северна Македонија, слабата доверба во институциите, како Собранието, клучна институција во политичкиот систем на државата, и сѐ послабата доверба во политичките партии, кои се клучни чинители во политичкиот живот на земјата.

Oд податоците од анкетата се гледа и општо незадоволство со животот во Северна Македонија, бидејќи повеќето испитаници сметаат дека животот во земјата се движи во погрешна насока (63%), а само една четвртина од испитаниците (28%) смета дека животот се движи во правилна насока
Прашалникот за фокус-групите беше изработен врз основа на податоците од анкетата од ППП, прибрани во февруари и март 2022 г. од 1000 испитаници, кои беа незадоволни од политичките процеси и немаа доверба во институциите и политичките чинители (под 5 на скала од 1 до 10). Највисокиот степен на доверба го има претседателот на земјата – 4,2, додека најнискиот судството – 3,1, при што оценките за довербата во Собранието (4,0) и во Владата (3,9) се безмалку идентични.
Во сите осум фокус-групи беа идентификувани некои заеднички теми, со кои можеше да се проникне во општите мислења на граѓаните што беа изразени во годишната анкета. Речиси сите учесници беа загрижени за партиската политика и раздорот што го предизвикуваат политичките партии .
Постои заедничка перцепција дека политичката криза и недоволниот капацитет на институциите не се новонастанати состојби; меѓутоа, постои перцепција дека политичката ситуација значително се влошила со текот на годините.

Постои општ недостаток на доверба во волјата и способноста на институциите да ја подобрат општата состојба во земјата. Корупцијата, непотизмот, клиентилизмот, личните и партиските интереси, и политичките и семејните врски се најчесто споменатите проблеми поврзани со институциите и се главниот извор за недоверба. Со прости зборови, граѓаните сметаат дека корупцијата е сеприсутна. Како што кажа еден учесник од Битола, „Постои одреден момент во процесот кога ништо не се движи напред, ќорсокак – некој не си ја врши работата освен ако нема личен интерес“ (етнички Македонец, Битола, 31-50). Освен корупцијата, учесниците ги наведоа и недоволната стручност, соодветно планирање и адекватен кадар како суштински проблеми поврзани со државните институции, без оглед дали се политички или административни. Исто така зборуваа и за проблемот на превработеноста на јавната администрација, што е обично поврзана со клиентелизам. Главно се согласуваат дека одредени поединци во јавната администрација и државните институции може да се компетентни и да чинат добро; меѓутоа, околината им ги подрива потенцијалот и иницијативите; како што кажа постара жена во Битола, „Кој и да започне промена, веднаш му ја поткопуваат, зашто не смеат да се прават попаметни од надредените“ (етничка Македонка, Битола, 31-50). Мнозинското мислење е дека нема компетентни институции, и дека не може да ѝ се верува на ниту една дека квалитетно ќе си ја заврши работата.
Во септември 2022 г., Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје, во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ППП), ja спроведе студијаta со осум фокус-групи за подобро да ја истражи јавната перцепција на квалитетот на живот, политичките прашања и довербата во Северна Македонија. Студијата со фокус-групи беше спроведена во осум плански региони во Северна Македонија – Скопје (Скопскиот Регион); Штип (Источниот Регион); Гевгелија (Југоисточниот Регион); Куманово (Североисточниот Регион); Битола (Пелагонискиот Регион); Кавадарци (Вардарскиот Регион); Струга (Југозападниот Регион) и Гостивар (Полошкиот Регион).