March 28, 2024

Ќе се реконструира болницата во Отешево

Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични респираторни, неспецифични и алергиски заболувања во Отешево ќе се реконструира со швајцарски пари и со пари од министерството за локална самоуправа. Швајцарската амбасадорка во Македонија Вероник Улман и министерот за локална самоуправа денеска потпишаа договор за кофинансирање на проекти во економските плански региони ,а во рамките на проектот “Оддржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – Фаза 2”.


Заводот за рехабилитација во Отешево е во незавидна состојба. Изграден е во 1980 година, а проблемите на нереновирани згради го доживеаја својот максимум во 2017 година, кога дел од одделенијата не функционираа заради проблеми со водоснабдувањето и парното греење. Тогаш и се констатира дека зградите не се реновирани со децении, а две од нив воопшто не беа во функција. Во зимскиот период и претходно парното не работело бидејќи установата не била во можност да ги плати режиските трошоци.Па, вработените и пациентите се смрзнувале на греалки. За време на КОВИД 19 пандемијата во текот на минатата година Заводот стана регионален центар за рехабилитација на пациенти со последици по дишните органи, но инфраструктурно потребни се големи зафати кои ќе значат покажување грижа за институцијата.
Вкупната вредност на проектите за одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој е 2.377.277 швајцарски франци за седум плански региони, а Министерството за локална самоуправа самоуправа обезбедува 54% од средствата. Со денешниот договор утврдено е и финансирање на опремување на регионалната противпожарна служба во Североисточниот плански регион, изградбата на стационар за кучиња во Вардарскиот плански регион, планирана е и реконструкција на домот за стари лица во Берово во рамки на Источниот плански регион, реконструкција на центарот за кардиологија во Охрид, како и фотоволтаични системи на јавни објекти во рамки на Југоисточниот плански регион, а ќе се реконструира и старото училиште во Кучково за Центар за рехабилитација на деца излекувани од карцином, во Скопскиот плански регион.


1014