March 1, 2024

Една третина од компаниите ќе прекинат со работа ако не се намали цената на струјата или не добијат државна помош

Порастот на цените на енергијата и до седум пати ги зголемил трошоците на компаниите оваа есен, во споредба со претходната. Најголем предизвик за компаниите во моментов е цената на електричната енергија, а дури една третина размислуваат привремено да го прекинат производството или да го затворат бизнисот ако не се намали цената на струјата или доколку не добијат поддршка од владата. Досегашните владини мерки за поддршка за полесно пребродување на енергетска криза, за повеќе од половина од компаниите (55%), се недоволни или несоодветни.
Ова се клучните наоди од анкетата што ја спроведе Организацијата на работодавачи на Македонија (ОРМ), со која беа опфатени 125 компании, а чија цел е да се оценат негативните ефекти од енергетската криза врз домашните компании кои се снабдуваат со електрична енергија на отворениот пазар. Истражувањето е спроведено со поддршка од Меѓународната организација на трудот.


Резултатите од анкетата покажуваат дека најпогодени од растот на цената на електричната енергија и другите енергенси се компаниите од преработувачка индустрија и трговијата, каде вкупните оперативни трошоци се зголемени и до 60%. Истовремено, овие компании, особено поголемите, се целосно изземени од досегашните директни мерки за поддршка на владата во форма на субвенционирана цена за струјата и пристап до поволни кредити за инвестиции во обновливи извори на енергија.
Речиси сите анкетирани компании преземаат сопствени мерки за намалување на негативните ефекти од енергетската криза, преку мерки за заштеда на струја, работа во смени и вложување во сопствено производство, но само една третина се изјасниле дека успеале да започнат или целосно да ја завршат процедурата за сопствено производство на електрична енергија од обновливи извори, оценувајќи ја како сложена и обременета со многу проблеми. Во целата постапка се вклучени повеќе различни институции на централно и локално ниво, кои неретко немаат доволно знаење и капацитет за водење на ваков вид постапки, чија реализација трае од најмалку една, па сѐ до три години.
За надминување на ваквите констатирани негативни ефекти од енергетската криза, ОРМ предлага два пакет мерки – првиот за директна и индиректна поддршка на компаниите кои се снабдуваат од отворениот пазар на електрична енергија, а вториот за олеснување на инвестициите во обновливи извори на енергија.
Со првиот пакет мерки ОРМ бара од владата директно да ја субвенционира цената на електрична енергија што ја купуваат компаниите на отворениот пазар над одреден ценовен плафон, и тоа од 100 или 200 евра за MWh, во зависност од финансиските можности на државата. Со овој пакет мерки меѓу другото се предлага и намалување на ДДВ за електрична енергија или ограничување на маржата за пренос и дистрибуција на електрична енергија. Исто така, работодавачите бараат од владата гаранции дека нема да ја менува законската регулатива во одреден временски период, со што ќе се обезбеди поголема предвидливост на деловното окружување, како и мерки со кои би се овозможила поголема флексибилност на пазарот на труд, односно можност за работно ангажирање на млади лица над 16 години заради задоволување на потребите од пониско-квалификувана работна сила.


Пакетот за олеснување на инвестициите во обновливи извори на енергија го сочинуваат предлог мерки со кои преку различни финансиски механизми би се мотивирале и поддржале компаниите да градат сопствени централи за производство на обновлива енергија.
Конкретно, се бара од владата да обезбеди поволна консултантска поддршка за изработка на проекти за изградба на фотоволтаични и ветерни централи, како и укинување на увозните давачки за набавка на компоненти за ваквиот вид енергетски извори. Се бара и проширување и олеснување на пристапот до поволни кредити за ваков вид проекти, како и обезбедување на јасни насоки и водичи за постапување на институциите на локално и централно ниво, при што се предлага и воведување на едношалтерски систем преку кој ќе се обезбедува целокупната документација неопходна за изградба и отпочнување на производство на обновливи избори за сопствени потреби на компаниите.
Овие, како и останатите предлог мерки во оваa сфера, ОРМ ќе ги достави до владата, во рамки на воспоставениот институционален дијалог, а истите беа денеска презентирани и пред заменикот на претседателот на владата, задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи.
Извор: ФБ/ Организација на работодавачи на Македонија


1013