March 26, 2023

Владата нема да ги субвенционира битолчани со 100 милиони денари за струја

Лани, пред владата и да размислува за мерки за ублажување на „струјниот удар“ по џебот на сите, Советот на Општина Битола испрати барање за субвенционирање на цената за битолчани во висина од 100 милиони денари. Иницијативата на советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја прифатија сите и по септемвриската седница беше испратена до владата.

На 3 јануари 2023 го добиле одговорот, што го објавија на официјалната Фејсбук страница на Општинскиот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

„Советничката група на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија на 09.08.2022 до Советот на општина Битола поднесе иницијатива за донесување на одлука за субвенционирање на електричната енергија за жителите на општина Битола од страна на Владата на Република Македонија во висина од 100 милиони денари и истата беше усвоена на редовната седница на 16.09.2022 година. Одговорот од Владата на Република Македонија и Министерството за финансии е БИДЕТЕ СРЕЌНИ ШТО Е НАДМИНАТ ПРОБЛЕМОТ ВО СНАБДУВАЊЕТО СО ЕЛЕКТРИЧНА ЕНЕРГИЈА.“

Владата на РМ во октомври ги донесе последните антикризни мерки поврзани со енергетската криза, со кои, според тоа што стои на сметките за струја, ги субвенционира жителите на државата со 73% од вкупниот трошок на сметките поединечно.

Во одговорот испратен од Министерство за финансии стои „Министерството за финансии ве известува дека од Буџетот на РСМ за 2022 година континуирано се обезбедуваат финансиски средства за справување со енергетската криза. На ваков начин преку навремена поддршка во енергетскиот сектор е надминат проблемот во снабдувањето со електрична енергија, се со цел да се заштитат сите граѓани од ценовните шокови. Имајќи го предвид горенаведеното Министерството за финансии не може позитивно да се произнесе по барањето. “

Високите сметки за струја на комуналните претпријатија ја одбележаа годината што измина, како и притисоците од општините кон владата за заедничко решавање на проблемот кој сеуште се заканува. Битола не е исклучок. А предничи со иницијативи за надминување на енергетската криза и намалување на проблемот со кој се соочуваат граѓаните. Секојдневно жителите на општините Битола, но и на општините Новаци и Могила кои се лоцирани непосредно до РЕК Битола се соочуваат со чадот и мирисот од работата на електроенергетскиот комбинат од кој зависи животот на државата, а тоа сега се интензивира.