March 1, 2024

Бадник и Божиќ – денови на благослов, благородност и најрадосен празник

Бадник се нарекува денот пред роденденот на Исус Христос (Божиќ), според христијанската традиција. Бадник се слави еден ден пред Божиќ и со коледарските огнови и со малите деца коледарчиња се најавува Рождеството Христово.

Добиј ги најважните вести, бесплатно на Viber
Бадник претставува ноќ на мирот, радоста и на сплотеноста. Овој празник е поделен на два дела – периодот од полноќ до пладне на 6 јануари е Коледе, а од пладне до полноќ се слави Бадник.

Бадник паѓа на 6 јануари секоја година, а Божиќ на 7 јануари. Суштината на празникот е во радоста на христијаните пред големиот ден — Христовото раѓање. Истовремено, со овој ден завршуваат и божиќните пости.

Божиќ е најрадосниот празник за Македонците. Првиот ден е секогаш 7 јануари и се празнува три дена. Луѓето се поздравуваат со: „Христос се роди!“, а се отпоздравуваат со: „Навистина се роди!“

Македонскиот народ со многу внимание и почит го празнува Божиќ, кој започнува да се слави со Бадник.

Денот наспроти Божиќ се празнува со низа обичаи. Со традиционална бадникова посна трпеза, со желби за многу здравје, среќа и бериќет во претстојната година и годинава православните христијани ќе ги дочекаат божикните празници, претежно во кругот на најблиските.

Бадникови гранчиња
Бадниковите гранчиња се симбол на среќата, љубовта и светлината, со кои православните верници ги украсуваат домовите за бадниковата вечер, во пресрет на Божиќ, најголемиот христијански празник.

Обичаите за Коледе-Бадник почнуваат во ноќта пред празникот, со палење големи коледарски огнови, кои горат до доцна во ноќта, со песна, оро, греана ракија и вино, како и неизбежната погача.

Во раните утрински часови, најмладите коледари во духот на традицијата ги пеат своите бадникови песни и ќе ни го најават раѓањето на Исус Христос. Со традиционалните коледарски песни, малите дечиња од рано утрината по стариот добар обичај одат од врата до врата на христијанските домови, чин што според црковните верувања, го навестува скорешното Христово раѓање. Вредните дечиња за својот труд и испеана песна добиваат костени, бонбони, јаболка, портокали и симболично пари. Продуктите што ги добиваат коледарите треба да бидат посни, бидејќи сè уште трае божиќниот пост.

Бадникова трпеза
Во Македонија традиционално се собира семејството на вечера на Бадник. Се приготвува богата трпеза исклучително со посна храна, со што симболично треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година. Специфичната традиција за македонската прослава на Бадник е во секоја куќа да се меси кравајче, пита или погача, во кои се става паричка.

Вечерта кога сите ќе седнат на вечера, домаќинот, откако ќе се прекрсти и ќе ја благослови трпезата, го крши кравајчето на онолку делови колку што има членови во семејството, оставајќи уште дел за Бога и за куќата. Сите присутни во својот дел ја бараат паричката во лепчето и оној што ќе ја најде ќе се смета за најсреќен во годината што претстои.

Бадник е верски празник кога, според традицијата, семејството се собира на посна, богата вечера. Се вади од сè по нешто како адет, но и за бериќет, годината да биде богата.

Според верувањата и обичаите, на богатата бадникова посна трпеза ќе се најде и лепчето со паричка, а оној што ќе ја најде, се верува дека ќе има среќа и здравје во текот на годината. За вечера на Бадник се приготвува посна вечера од повеќе видови јадења.

Меѓу јадењата, најпочесно место заземаат посниот грав, питата со зелка или со праз, посните сармички, рибите, урмите, сушените смокви, бадемите, нескршени ореви (постои верување дека ако оревот кога ќе го скршите не е црвлив, ќе имате бериќет во претстојната година), јужните овошја (мандарини, портокали), јаболката, костените и баклавата. На масата треба да стои и запалена свеќа украсена со бадниково гранче.
Обичај е по вечерата, посната трпеза да не се раскрева, туку заедно со храната се остава така сè до утрото, затоа што постои верување дека дедо Боже ќе дојде преку ноќта да се нахрани.

Со Божиќ е поврзана и поговорката „Пред Божиќ, зад Божиќ, дома да си“, што има посебно значење дека за време на овој голем празник секој треба да биде дома и во кругот на семејството да го прослави овој голем христијански празник.


1119