March 29, 2024

Денеска е трет ден Божик, се празнува св.Стефан

На третиот ден од празникот Божиќ светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој прв настрадал за Христовата вера.

Веднаш по слегувањето на Светиот Дух во Ерусалим била формирана христијанска општина, биле избрани седум ѓакони да се грижат за сиромасите, за болните, старите, вдовиците и да ги делат подароците што христијаните ги давале на црквата. Најстар во тие седум ѓакони бил Стефан поради што бил наречен архиѓакон.

Култот на св. Стефан е стар колку и самата Христова црква, зашто тој е почитуван исто колку и апостолите. Уште светиот апостол Павле него го нарекува маченик Христов. Култот особено пораснал по наоѓањето на неговите мошти и нивното пренесување во Цариград. Преданието вели дека пренесувањето на моштите на св. Стефан во Цариград било за време на владеењето на Константин Велики и за време на патријархот Митрофан. Животните што ја влечеле колата во кои биле моштите на св. Стефан на едно место одеднаш застанале и со човечки глас рекле: „Зошто нè тепате? Светецот треба да биде поставен овде!“ Царот веднаш на тоа место подигнал црква посветена на првомаченикот.

Именден празнуваат: Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија, Фанка, Стојан, Стојанка, Стојмен, Стоичко…а сите песни, верувања и обичаи што се изведуваат на овој ден се поврзани со Божик.


1013