September 28, 2023

Македонија – село со мноогу кучиња, Битола започна да ги заловува и гради прифатилиште

Системот „Залови, стерлизирај, вакцинирај и врати“ како светска пракса во контролата на популацијата бездомни кучиња во Македонија не вроди со голем плод. Напротив, се поголем е бројот на бездомни кучиња на целата територија. Тие не се само потенцијален проблем од здравстен аспект. Се покажа дека може да се директна причина за сообраќајни незгоди, и за празнење на општинските каси кои плаќаат отштета на граѓани коишто биле каснати од кучиња без сопственик.
„Општина Битола, активно на терен презема мерки за решавање на долгогодишниот проблем со бездомните кучиња низ битолските улици, кои претставуваат опасност за граѓаните, а со тоа и дополнително оптоварување за општината. Согласно програмата за животна средина и програмата за решавање на проблемот со бездомните животни, како и склучениот договор на општината за набавка на услуги за заловување и стручен третман на кучиња скитници и нерегистрирани кучиња на територијата на општина Битола, економскиот оператор „ПРОВЕТАЛЕК“ ДООЕЛ, од 11 ноември досега има извршено заловување и ветеринарен третман на 88 бездомни кучиња.“- информираат од Општината деновиве.
Во активностите за решавање на проблемот меѓу кои е и опсервацијата и броењето на кучињата, било утврдено дека „на територија на град Битола има континуиран прилив на кучиња од блиските приградски и селски региони и тоа: Горно и Долно Оризари, с. Поешево, Индустриски пат, село Кравари и Буково, предел над касарна со село Лавци, Брусничка населба со село Брусник, Довлеџик, месноста над Црн мост, Баир, Ушици, и регион над тунелот па се до село Раштани и Крклино.“
Се претпоставува дека извор на бездомните кучиња , и во Битола и во другите општини се сопствениците кои приновата на кучињата ја сеат низ ненаселена територија, па, преживеаните млади се дел од бездомната популација низ населените места, вклучително Битола. Од Општината потсетуваат дека „согласно Законот за заштита и благосостојба на домашните миленци, член 26 став 2, сопствениците на домашни миленци, не смеат да ги напуштаат домашните миленици, за што во следниот период ќе се спроведуваат зголемени контроли.“
Општина Битола, ги повикува граѓаните, доколку забележат испуштање на кучиња на одредени локации, да ги запишат регистарските таблички на возилата со кои се врши транспортот и за истите да информираат во општина Битола на телефонскиот број 047208317. Реоните на кои ќе се врши заловувањето во следниот период јавно ќе бидат објавени, а дополнителни реони во планот за работа ќе се предвидуваат и по барање на граѓаните.
Ваквите мерки се привремени, се до конечното адаптирање на просторот кај земјоделско училиште наменет за прифатилиште за бездомни животни. Тогаш ваквата пракса, заловување на бездомните кучиња ќе биде пракса, тие ќе бидат чувани максимум 30 дена и доколку не бидат посвоени од битолчани кои навистина ќе се грижат, според светската пракса, ќе бидат успивани.

Извор: Општина Битола/ дгк

Извор фото : Wikipedia Johnson’s household book of nature (7268642682).jpg


1008