April 16, 2024

Свечено одбележан денот на српската заедница во Битола и Македонија

Со заеднички собир на членови од српската заедница во Битола се одбележа националниот ден на Србите во Македонија. Традиционално на денот се одржува свечена христијанска литургија. На празникот кумот на одбележувањето на празникот Светосавин ден го предава кумството на следниот избран. Во Битола досегашниот кум Тони Милевски го предаде кумството на Георгиј Јорданов.


Србите од Битола со честитка ги поздрави и градоначалникот на Битола Д-р Тони Коњановски.
„Почитувани припадници на Српската заедница во нашата држава, Во мое име и во име на општина Битола, Ви го честитам празникот Свети Сава, големиот ден на Српската заедница во Македонија и во Битола, Ви посакувам многу здравје, со желба да ја продолжиме оваа традиција на заедничко празнување.

Битола е позната по својот космополитски дух. Оттука, ја задржуваме нашата традиција од минатото, која постои до ден денес, а тоа е почитување на разнообразноста на националностите и нивната култура, бидејќи ние, само заедно, можеме да бидеме уште посилни. Денес, на празникот Свети Сава, уште еднаш посочуваме дека треба да продолжиме да работиме заедно, како два пријателски народи кои ги негуваат традициите и работат за иднината на нашите деца. Заедно празнуваме, заедно одбележуваме големи празници од нашето заедничко минато. И овој празник е во таков дух, на заедништво, соработка, доверба и пријателство.“- рече градоначаликот на Битола во својата честитка.


„Пред точно 30 години, група Срби од Битола, ентузијасти, решија да го формираат тогашното Здружение на Срби и Црногорци“, денешно Здружение на Срби и го зедоа Свети Сава за своја слава и националниот ден на Србите во Битола. Така ни овозможија и денес да го славиме Свети Сава во радост, среќа и радост.“- вели Зоран Жугич, претседатгел на Здружението на Срби од каде потоа потече иницијативата за формирање на вакви здруженија во други македонски градови и финално формирањето на Заедницата на Срби во Македонија.


Во Скопје се одржа свечена академија на која присуствуваа високи гости од Србија, од која одекнуваат зборовите на српскиот вицепремиер Милош Вучевиќ, „ Како што ја сакате и почитувате вашата држава Македонија, така сакајте ја својата матична Србија и како што говорите и треба да знаете македонски јазик и да пишувате македонско писмо, секаде и секогаш не заборавајте да говорите на српски јазик и да го знаете српското писмо.“
Во Македонија според пописните резултати од 2021 година живее 1.18% население кое се изјаснува за српски национални чувства, а во Битола 0,43% од вкупниот број жители во градот. Србите во Македонија активно учестввуваат во креирањето на мултикултурниот и мултинационален амбиент во државата. Преку Демократска партија на Србите оваа малцинска заедница е застапена во Парламентот, а на нивна иницијатива е отворена Агенцијата за остварување на правата на малцинствата, денес преименувањна во Агенција за остварување на правата на заедиците.


1026