April 19, 2024

Младите како агенти на промени -проект за нивно зајакнување

Предизвиците со кои се соочуваат младите од руралните места се различни од оние на младите луѓе во урбаните средини. Тоа е појдовната точка од каде треба да се планираат промени, а да се настапува организирано и заеднички. Организацијата Про Локал, во соработка со неколку други невладини организации иницираа создавање на Регионална платформа за млади во која ќе членуваат сите 9 општини и 9 граѓански организации со мандат заедно да ги решаваат проблемите кои ќе ги идентификуваат младите. Меморандумот за соработка како официјален чин беше потпишан на почетниот ( kick off ) собир за реализација на проектот за зајакнување на луѓето во пелагонискиот регион.

„Проектот „Зајакнување на младите во Пелагонија 2“ на младите ќе им пренесе знаење преку иновативни работилници на отворено, јавни дебати без предрасуди, симулации на седници на Совет, обуки и тренинзи на теми за личен развој кои ќе ги одржат домашни и странски експерти. Повеќето млади за првпат ќе учествуваат во проект надвор од училниците или предавалните во редовното образование затоа што во помалите и рурални општини речиси и да нема неформално образование и активности за развој на младите луѓе. Дополнително, со проектот 14 млади луѓе ќе добијат шанса за платено практиканство во јавниот и бизнис секторот како и во граѓанските организации.“ -пишува на официјалната страница од овој проект и официјалната ФБ страница на Про Локал. Тоа е организацијата која го води проектот, со финансиска поддршка од Амбасадата на Кралството Холандија и пелагониските Општини, ќе реализираат и 9 инфраструктурни објекти од помал обем по предлог на младите од секоја општина. Велат, проектот е продолжување на активностите од мината година во која исто така група од 50 млади луѓе поминаа интензивен едукативен процес за трансформација од пасивни млади во активни агенти на промени.

Про Локал и локалните партнери: Еко Герила Преспа, Европска Гледна Точка, Волвокс Битола, Центар за креативни индустрии НЕБО, Младински Совет Прилеп, Младинско Здружение Пелагонци Етнос неформалните групи на граѓани Empowering Krushevo и Урбано гнездо од Кривогаштани ќе го имплементираат овој регионален проект во наредните две години.

Извор: Pro Lokal


1038