March 29, 2024

72 години од смртта на Павел Шатев

Денес на вечното почивалиште на последниот гемиџија, првиот министер за правосудство, вечниот борец за независна и обединета МАКЕДОНИЈА, Павел Шатев се одржа панихида во организација на Патриотскиот институт на ВМРО-ДПМНЕ ОК БИТОЛА. Пред голем број на добронамерници и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Битола на гробот на Павел Шатев за неговото дело и саможртва за Македонија говореше подпретседателот на ПИ на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола, Александар Јаневски :
– Македонскиот гемиџија и публицист е роден на 15 јули 1882 година во Кратово.
Се школувал во родниот град, прогимназија учел во Скопје, a егзархиската гимназија ја завршил во Солун (1900), каде што се вклучил во терористичкиот кружок на гемиџии. Учествувал во подготовките за кревање во воздух на Отоманската банка во Цариград, а директно бил задолжен за диверзијата на францускиот патнички брод „Гвадалкивир“ во солунското пристаниште . Бил уапсен и осуден на смрт, но казната му била заменета со доживотна робија и испратен е во затворот крај Фезан (Либија). По Младотурската револуција бил амнестиран (1908) и отишол во Брисел за да студира правни науки (1912).
Извесно време бил професор и на солунската трговска академија. По Првата светска војна бил политички активист сред македонската емиграција во Софија и претседател на Македонската емигрантска федеративна организација. Во контакт со претставниците на Советскиот Сојуз и Коминтерната во Софија, станал нивен професионален разузнавач. Учествувал во подготовката и преговорите за потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествувал во дејствувањето на ВМРО (Обединета).
Во ноември 1941 година бил уапсен од бугарската полиција, а на судски процес бил осуден на 15 години затвор.
По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот. Станал делегат на АСНОМ, од каде бил избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станал прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија.
Шатев влегол во судир со комунистичкото раководство на Македонија и во 1949 година бил уапсен при што му бил одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје бил задржан 11 месеци, до мај 1950 година, по што бил испратен во домашен притвор во Битола. Набрзо се разболел и починал во јануари 1951 година. Тогашните власти не дозволиле ниту да биде погребан во родното Кратово, туку бил закопан на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.
Вечна му слава!


1022