March 26, 2023

Греењето во Скопје ќе биде исто за сите потрошувачи

„Треба да се има предвид дека ако нема средства од буџетот за поддршка на АД ЕСМ во оваа енергетска криза, може да се случи и воопшто да нема греење, и затоа е потребно рационално користење на ресурсите.“
Со оваа констатација завршува денешното соопштение на АД ЕСМ со кое информира за промените во системот на греење на главниот град во правец на стандардизирање и воедначување на греењето за 62.000 корисници, домаќинства, институции и деловни објекти.
„Промените значат дека одреден број потрошувачи приклучени на ЕСМ Енергетика сега ќе добиваат греење од 6 до 22 часот, како што се снабдува целиот град, и со средна дневна температура во просториите од 20 до 21 степен, како што е пропишано во мрежните правила одобрени од Регулаторната комисија.“- се вели во соопштението. И се демантираат гласините дека месечната сметка за услугата ќе биде зголемена. Напротив, за институциите на општините тие ќе се намалат до 45%.
„Причината за воведените промени е тоа што ЕСМ Енергетика ќе ги стави надвор од употреба старите парни котли кои немаат техничка можност за дневно гаснење и затоа греењето беше испорачувано 24 часа со енормна потрошувачка на гас. Котлите се градени во едно друго време и за друга намена, а тоа било снабдување со технолошка пареа на производните металуршки капацитети во комплексот Железара и од тие причини испораката на топлинска енергија преку нив со овие цени на гасот е неодржлива. Поради старата технологија, овие котли при работењето значително ја загадуваат и околина.“