May 20, 2024

ВИКТОРИЈА БРДАРОВСКА – МЛАДИНСКИ АКТИВИСТ: ДА ГИ ЗАДРЖИМЕ МЛАДИТЕ ВО БИТОЛА!

МЛАДИНСКИОТ АКТИВИЗАМ ПРЕТСТАВУВА ИНИЦИЈАТИВА, ЗДРУЖУВАЊЕ, АНГАЖИРАЊЕ НА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ ПРЕКУ ЗДРУЖУВАЊЕ ВО РАЗЛИЧНИ ФОРМИ И ОРГАНИЗАЦИИ ДА ИНИЦИРААТ ПРОМЕНИ ВО ОПШТЕСТВОТО ВО ОДРЕДЕНИ СФЕРИ.

КОЛКУ ВРЕМЕ ВИКТОРИЈА Е ОПШТЕСТВЕНО АКТИВНА ЛИЧНОСТ?

Уште од најмали нозе сум општествено активна во нашиот град Битола. Дали тоа било преку културни настани од играорна, музички фестивали за модерни танци, фудбалски натпревари или пак младински активизам јас сум општествено активна веќе 10 години. Бев и млад амбасадор на сите средношколци од нашиот град преку Средношколски сојуз и со тоа мислам дека направив многу позитивни работи.

ШТО ТЕ МОТИВИРА ДА СЕ АКТИВИРАШ ВО ЈАВНИОТ ЖИВОТ НА БИТОЛА?

Единствено ме мотивира развојот на Општина Битола, општината да оди само во позитивна насока и Општина Битола да биде исполнета со што повеќе активности и културни настани. Круцијалната цел ми е да ги задржиме младите во Општина Битола.

КОЛКУ СЕ МЛАДИТЕ ВО БИТОЛА ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА УЧЕСТВО ВО МЛАДИНСКИ ОРГАНИЗАЦИИ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА, НЕВЛАДИНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ, ПОЛИТИЧКИТЕ ПАРТИИ?

Искрено кај младите од нашиот град, има многу мала заинтересираност од нивна страна за во младинскиот сектор, а подобра не е состојбата и за нивната политичка активност. Кога некои организации ќе распишат повик за учесници на некои обуки или пак настани, многу е тешко за се пронајдат млади лица кои ќе бидат заинтересирани за тие обуки или пак настани. Не е подобра состојбата и со политичките партии. Дури ни половина од младите во Општина Битола не се политички активни и не се заинтересирани за политичкиот живот. Тоа е застрашувачки податок што не е во корист на никој, но се надевам дека понатаму младите ќе бидат повеќе ангажирани за младинскиот активизам и за подобрување на политичкиот живот, барем во нивните општини. Ситуацијата со средношколските заедници е за нијанса подобра од младинскиот активизам и политичкиот живот.

ВО ОПШТЕСТВО ВО КОЕ ДОМИНИРААТ ПОВОЗРАСНИТЕ, КОЛКУ РЕАКЦИИТЕ ОД МЛАДИТЕ ЛУЃЕ ДОПИРААТ ДО НАШИТЕ ПОЛИТИЧАРИ?

Во однос на ова прашање, многу влијае заинтересираноста на градоначалникот и неговото опкружување што се однесува на локално ниво. Има одредени општини со кои сум контактирала и сум посочила конкетни предлози, но општината, конкретно градоначалникот не изразил некоја желба да ја спроведе иницијативата. Ова е тешко прашање бидејќи зависи од индивидуа до индивидуа. Достапноста до политичарите од другите градови е многу потешка.

КОЛКУ Е ВОЛОНТИРАЊЕТО КОРИСНО ЗА МЛАДИТЕ ЛУЃЕ ПРИ ИЗГРАДБА НА НИВНИОТ КАРАКТЕР И РАБОТНИТЕ НАВИКИ?

Волонтирањето е корисно за младите и за оформувањето на нивниот карактер, но исто како и во младинскиот активизам заинтересираноста за волонтирањето спрема одењето по казина на младите луѓе е застрашувачка. Многу од младите луѓе избираат да одат во казино и ретко избираат да волонтираат. За волонтирањето не се зема плата, но работата од волонтирањето се исплаќа многу повеќе во иднина. Кога се има навика за волонтирање, работните навики не претставуваат некаква потешкотија за некоја личност. Според мене волонтирањето треба да биде предмет во средните училишта и да се изведува нормално во пракса.

КОИ СЕ ОБЛАСТИТЕ ВО КОИ ТИ НАЈМНОГУ СЕ ПРОНАОЃАШ И МОЖЕШ ДА ДАДЕШ НАЈДОБРИ РЕЗУЛТАТИ?

Постојат повеќе области во кои што јас се пронаоѓам. Јас сум дипломирана медицинска сестра и моментално сум студентка на Правен факултет и се надевам дека во иднина по професијата ќе бидам одличен правник, но можеби и нешто повеќе од правник. По вокација јас сум претседателка на здружение и членка во повеќе организации, свирам пиано и сум голманка по голем фудбал. Во слободно време пишувам и поезија.

НА КОЈ ПРОЕКТ ВО КОГО СИ УЧЕСТВУВАЛА СИ ПОСЕБНО ГОРДА?

Проектот што се одвиваше во Република Италија и Полска, а на лето ќе биде и финишот од тој проект кај нас во Општина Битола. Проектот се вика ,,Our colorful cities”. Исто така особено сум горда што имам учествувано во креирањето на Националната стратегија за млади.

ВО ПОСЛЕДНО ВРЕМЕ СВЕДОЦИ СМЕ НА ЛАЖНИ ХУМАНИТАРЦИ ОД ЕДНА СТРАНА И ЛИЦА КОИ БАРААТ ПОМОШ, А СЕ РАБОТОСПОСОБНИ И МОЖАТ ДА РАБОТАТ ОД ДРУГА. КАКО ДА ГИ ПРЕПОЗНАЕМЕ ЕДНИТЕ, А КАКО ДРУГИТЕ?

Јас би препорачала кај некои личности каде што би сакале нешто да донираме, претходно да ги истражиме тие личности, каква е нивната материјална состојба и способност, а потоа да одлучиме дали ќе донираме кај тие личности. Што се однесува за лажните хуманитарци тие е најтешко да ги откриеме. Затоа треба да внимаваме на тие ,,хуманитарци” колку пари добиле и какво е нивното оправдание за тие пари кои што ги добиле. Сведоци сме за лажните хуманитарци што прават, но дали преземаме некакви чекори за тоа, сепак тоа е одлука на секоја индивидуа. Јас би превзела такви чекори и би ги пријавила тие лажни хуманитарци кај потребната институција.

ШТО ЗНАЧИ ЗА ТЕБЕ И ЗА ТВОЕТО ЗДРУЖЕНИЕ НАГРАДАТА ЗА ВОЛОНТЕРСТВО КОЈА ЈА ДОБИ ОД ОПШТИНА БИТОЛА?

Признанието што го добивме од Општина Битола е само еден поттик, за во иднина да продолжиме да работиме на тоа поле. Плакетата со која ни се укажува признание во волонтирањето не ни значи многу, но ни значи честа што ни била направена и ни биле препознаени нашите чесни потези.

ДАЛИ ИМАТЕ СОРАБОТКА СО ВОЛОНТЕРИ И МЛАДИНСКИ АКТИВИСТИ ОД СТРАНСТВО, КАКВИ СЕ НИВНИТЕ ИСКУСТВА? КАКО ТИЕ РЕАГИРААТ НА ОДРЕДЕНИ СОСТОЈБИ ВО ОПШТЕСТВОТО?

Да, имам соработка со активисти од Република Словенија и од Република Романија и кај нив активизмот е многу поразвиен за разлика од кај нас. Младите таму сакаат само да го надоградуваат своето знаење и да помагаат што повеќе. Исто така младите од тие држави реагираат позитивно или пак негативно на политичките промени. Се надевам дека во иднина ќе се земе пример од некои земји и тој пример практично ќе биде применет и кај нас. Секој млад човек кај нас треба да сфати дека неговата позитивна ролја може да придонесе за подобро општество.

КОЛКУ СИ ЗАДОВОЛНА ОД ИНТЕРЕСОТ НА МЕДИУМТЕ ЗА ВАШИТЕ АКТИВНОСТИ?

-Тоа зависи од медиум до медиум, но воглавно сум задоволна од повеќето битолски медиуми и од некои медиуми од Град Скопје. Сепак мислам дека за активностите и настаните организирани од млади, медиумите треба да се повеќе заинтересирани и да земат пример од некои медиуми, како на пример од Вашиот медиум. Ви благодарам за ова интервју и се надевам дека во иднина младите ќе бидат повеќе заинтересирани за младинскиот активизам. Само со тоа можеме да создадеме една одлична генерација која ќе биде предводник на идните генерации.


1118