October 1, 2023

Желбата да знаат како функционира природата ги однесе на олимпијада за наука

Битолските средношколци Искра Нечаковска и Олег Трајковски, ученици на гимназијата Јосип Броз Тито кои беа дел од македонскиот тим на 19 Меѓународна Научна Јуниорска Олимпијада остварија средба со градоначалникот на Битола Д-р Тони Коњановски.
Меѓународната јуниорска научна олимпијада (IJSO) е натпреварувачки испит отворен за ученици од сите земји во светот, првенствено средношколци. Сите основни предмети од науката (физика, хемија, биологија и математика) имаат приближно еднаква застапеност на испитот IJSO.


Искра Нечаковска во Битола донесе бронзен медал, Олег Трајковски покажал извонредност во решавањето на зададените научни проблеми/испити.
Искра вели, „Да навистина беше интересно затоа што можевме да ги запознаеме сите од светот кои сакаат природни науки, да ги видиме нашите врсници колку знаат и, дека можеме да се такмичиме со нив. Да видиме ние колку знаеме, колку научивме. Навистина прекрасно доживување. Благодарни сме на поддршката што ја добивме и од нашите професори (од Гимназијата н.з) и навистина сме горди сами на себе, навистина постигнавме многу.“


Олег пак рече „Оваа Олимпијада е од престижно ниво, таму се запознавме со деца од целиот свет, од могу држави. Стекнавме многу големо знаење, искуство, другари, видовме нов континент, нова држава на другиот крај од светот која – не секој има шанса да ја посети оваа држава. Во Колумбија ние го видовме и народот, градот Богота.“
Оваа меѓународна Олимпијада е посложена и потешка од другите.Ја наметнува науката како концепт во решавањето на зададените задачи, а конкуренцијата е исклучително силна. И, тимовите се од 6 најдобри од најдобрите во државата којашто учествува.


Олег Трајковски: „ Имаше учесници од 44 земји, со 220 учесници, од сите континенти. Најмалку учесници беа од Африка и Северна Америка, а од Европа и Азија и Јужна Америка беа најбројни што учествуваа на овој натпревар. Бевме во тим од 6 ученици, од некои држави тимовите беа со помал број на ученици, некои беа со 3 или 4.“

За да се стане учесник учениците треба најпрвин да бидат високо рангирани според националните стандардни испити, при што најпрвин се издвојуваат 300 ученици. Нив им требаат рангирањата од учество на други олимпијади кога се селектираат 35 ученици, кои преминуваат на т.н ориентациски камп за избор кога се избираат 6 . Па дури потоа се натпреваруваат.

Искра Нечаковска го објасна нивниот пат до Богота. „Ние се подготвувавме уште од државните натпревари, затоа што требеаше да имаме и селекциони натпревари. Го учевме материјалот за Олимпијадата. Но потоа, од месец септември, по вториот селекционен натпревар почнавме да одиме на подготовки на Природно-Математичкиот Факултет во Скопје, кадешто работевме со професори кои не придружуваа на натпреварот во Богота.“

Самиот натпревар има три делови – два за теоретско знаење и еден практичен кога тимовите треба креативно да го употребат знаењето во решавање на практична задача. И секој дел е во различен натпреварувачки ден, со времетраење од 3 до 4 часа. На теоретските делови учесниците се натпреварувале поединечно, а во практичниот дел 6мината биле поделени во два тима. Македонскиот тим изведувал откривање на pH вредност со помош на растенија и карактеристики на растението Кафе, откривање на вискозност на течност и, со помош на електрично коло да се открие како работат нервните клетки. Искра и Олег сеуште се под импресија на своите доживувања и натпреварите, новите стекнати другарства. Градоначалникот Коњановски пак е задоволен.

Средбата очигледно е важна заради два аспекти: неговата вложена лична доверба за одвојување на средства од Буџетот на Општината за учеството на светскиот натпревар, и, фактот што младиве научници се во групата идни млади лидери во науката на глобално рамниште. Општината продолжува да биде поддржувач на талентираните и трудољубиви млади луѓе вели градоначалникот. „Денес имам чест и задоволство да ни бидат гости, двајца млади луѓе со нивните професори, Искра и Олег кои учествуваа на 19 Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки, на која Искра освои бронза. Но, тие се сите победници, со самото учество на оваа олимпијада. Тие потврдуваат дека Битола, навистина има големи капацитети. Општина Битола даде поддршка за нивното патување, но и понатаму ќе продолжи да стимулира вакви подвизи, да ги наградува овие млади луѓе. Им посакувам да не презентираат во најдобро светло и да останат да напредуваат во Битола и Македонија. Од минатата година, воспоставивме и нов начин на наградување на талентираните и наградените ученици, за што имавме голем интерес и оваа година продолжуваме со уште попрецизни критериуми, со цел секогаш да овозможиме поттик за успехот на учениците “, рече градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.


Оваа година оваа олимпијада ќе се одржува од 12 до 21 декември во Дубаи.

Фото: Општина Битола/ IJSO


1023