March 29, 2024

ИЗБРАНИ НАЈДОБРИТЕ СПОРТИСТИ НА БИТОЛА ЗА 2022 ГОДИНА

Во Народниот театар во Битола се одржа 58-миот „Избор на најдобри спортисти на Битола за 2022 година“, во организација на Сојузот на спортови на Битола со поддршка на Општина Битола, а годинава, спортист на годината е Оливера Наковска Бикова.
Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, обраќајќи се пред присутните на манифестацијата, посочи дека општината и натаму останува поддржувач на успешните спортски приказни, но ги најави и новитетите во областана на спортот, кои што општината планира да ги реализира во наредниот период.
„Во согласност со програмата за спорт и млади, обезбедуваме финансиска поддршка за спортските клубови, здруженија, како и за индивидуалните спортисти, професионалниот спорт, женските спортски здруженија, училишниот, универзитетскиот спорт, како и за организација на спортски манифестации преку кои се промовира спортот и се поттикнува спортскиот дух кај младите. Со оваа програма, годинава издвоивме 40.100.000,00 денари.
За прв пат, ќе бидеме организатори на Спортското лето, кое ќе претставува циклус на рекреативни настани на отворено и сите заинтересирани ќе имаат можност бесплатно да тренираат и да посетуваат школи за фудбал, кошарка, одбојка, ракомет, боречки спортови, куглање и друго, а ќе се реализираат и обуки за деца со попреченост. Целта на Спортското лето е преку рекреативниот спорт да му се овозможи на секој граѓанин согласно неговите потреби и можности активно да се вклучи во спортскиот живот на општината.
Годинава за прв пат овозможуваме поддршка и на програмите, проектите и активностите со млади, како што е Локалниот младински совет, студентската пракса итн., а започнуваме и со финансирање на Центарот за млади – место каде ќе се подготвуваат и спроведуваат програми за подобрување на благосостојбата на младите и ќе овозможат развој на нивниот личен, социјален и професионален живот. Во делот на спортските објекти и опрема континуирано се работи на подобрување на условите за тренинг на спортистите, а минатата година ја ставивме во функција и новата трибина на стадионот „Петар Милошевски“ и избравме идејно решение за новиот спортски центар“, рече Коњановски.
Градоначалникот Тони Коњановски и ја додели наградата на најдобрата спортистка за 2022 година на Битола, Оливера Наковска Бикова, светски првак во стрелаштво со воздушен пиштол.
Претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевски ја додели наградата за најдобра сениорска екипа на Битола за 2022 година, на екипата на ракометниот клуб Еурофарм Пелистер.
Посебни признанија за ветерани на спортот, односно награди за животно дело добија Христо Димитровски во категоријата бокс и Цане Крстевски, поранешен ракометар.
Во име на организаторот на изборот, Сојузот на спортови, се обрати претседателот Сашко Павловски, како и почесниот претседател на Сојузот, Димче Миновски.


1046