March 1, 2024

СКОПЈЕ -МАКЕДОНСКА ВЕРЗИЈА НА КАЗАБЛАНКА

(ЦРТИЧКИ И ОТРОВНИ СТРЕЛИЧКИ – 194)

     Надалеку познатиот марокански туристички центар Казабланка е синоним за светската шпијуважа од минатиот век, а тоа име сега се почесто и погласно му се припишува и на нашиов главен град Скопје. Од осамостојувањето во 1991 година, градот на Вардар се претвори буквално во дувло на белосветски агентури, особено од сосетството, но и пошироко, кои во самостојна Македонија гледаат потенцијално лесен плен за остварување на нивните вековни соништа: асимилација на Македонците, па дури и нивно исчезнување како нација и евентуална анексија на нејзината територија!!! Во сцебарјата ни предвидуваат слична судбина со примерот Етрурците. Но, за разлика на Етрурците кои не исчезнале – туку едноставно се асимилирале и претопиле со Римјаните, нам таква судбина многу интензивно се обидуваат да ни наметнат соседите од истокот – Бугарите, со сесрдна помош од “меѓународниот фактор” од обете страни на Атлантикот!

    Новопечените “Европјани” – Бугарите, не бираат средства и не штедат пари за промоција на бугарштината во Македонија, но и во нашето непосредно соседство. Најнов бисер за промоција на големобугарската хистерија се случи деновиве кога потпретседателката на Бугарија Јотова пронајде Бугари дури и во Косово (за Бугари прогласи Македонци -муслимани кои живеат во неколку косовски општини, на кои Бугарија масовно им дели бугарски пасоши, стипендии, книги на бугарски јазик…).

   Во Македонија бугарската пропаганда наближува кон својот климакс. Се најавува отворање на дваесетина клубови на “Македонци со бугарска самосвест”, покрај постоечките два во Битола и Охрид, а можно е да следат и во Богданци, Куманово, Скопје…..Масновна е праксата и за купување на македонски души за пари (евра) само за да се изјаснат за Бугари. Своевремено, бугарски агентури во земјава (продадени Македонски души) нудеа по 100 евра на секојкој ќе се изјасни како Бугарин, а колку нудат денес – не ми е познато.

   Приказната со бугарските пасоши за македонски граѓани дополнително ги усложнува работите, се разбира на наша штета. Неспорно е дека заради економските неприлики во нашава земја голем број Македонци се одлучуваат да земат бугарски пасош за да можат да работат во земјите членки на ЕУ но, за жал, во процедурите мораат да се изјаснат дека се од “бугарски происход”. Е токму на овој детал званична Бугарија пред структурите во Брисел инсистира на вметнување на Бугарите во Уставот на РМ што, за жал, стана и составен дел од преговарачката рамка за почеток на преговорите на РМ за членство во ЕУ.

   Но да се вратиме на варијантата Скопје како Казабланка. Токму странските тајни служби – инфилтрирани преку десетици “невладини” организации, а си имаат соработници и во македонската полиција, и во армијата, па дури и во највисоките ешалони на администрацијата, си мешетарат секоја за свој интерес и цел. Доживеавме поради странски притисок да мораме да го смениме државното знаме со шеснаесетзрачното сонце, Уставот и името на државата, а сега странскиот фактор е сконцентриран на отворање на уставот и вметнување на Бугарите како конститутивен народ!? Таа идеја наидува на жесток отпор кај опозицијата, а дали таа ќе одолее на притисоците допрва останува да видиме.

   Затоа нашинци од дијаспората, каде и да сте и колку и да сте, апелирајте на вашите блиски и пријатели да гласаат за смена (против) оваа немакедонска злосторничка власт на СДСМ и ДУИ на предвремените или редовни избори бидејки – во спрпотивно – многу лошо ни се пишува!!!

2. Во  мојата дипломатска кариера имав многу прилики да чујам изворно, од нашинци, за делување и на нашите – републичките и тогашните федерални тајни (јас ги нарекувам подземни) служби меѓу нашинците во туѓина. Најинтересен ми беше примерот што го чув во црквата Св. Наум Охридски во Мисисага/Торонто. Имено, иззвесен нашинец, кој по налог на УДБА и КОС роварел меѓу македонската емиграција во Лос Анѓелос, САД, бил откриен од американските служби и му престоело апсење заради недозволените активности. но тој успеал на време да им побегне и со кола да бега илјадници километри дури до Торонто, Канада.

   Според изворот на информацијата, дотичниот бил очигледно многу долго и многу добро подготвуван за обавештајната мисија. На памет ги знаел имињата на сите лица кои требало да ги обработува а кои очигледно им пречеле на УДБА и КОС, нивните телефони, адреси, контакти и други релевантни податоци. Истиот тип продолжил со слични активности и меѓу постарата македонска емиграција и во Торонто, па дури наводно со хеликоптер се појавувал на тамошни иселенички манифестации. Но и канадските власти му влегле во трага и му се заканувало апсење, а тој со помош на агентите од југословенската амбасада во Отава, со лажен пасош и променет идентитет, успеал да побергне и бил вратен безбедно назад од каде што дошол. И ден денес дотичната индивидуа глуми активист во невладина организација среде Скопје, сосема очигледно со подршка и од сегашната македонска и небаре “реформирана” УДБа.

3. Актуелниот генерален секретар на НАТО на заминување Јенс Столтнберг истресе деновиве невидена глупост што не сум сигурен дека и самиот е свесен колку е бесмислена и пред се опасна. Имено, на бебедносната конференција во Михен Столтенберг се заложи: Доколку Украина ја загуби војната со Русија, НАТО да и објави војна на Русија!? Да видиш и да не не веруваш!!! Па господине ген-сек на НАТО: после цели седум години на таа позиција редно беше на научиш и да сватиш што е војна и кои се последиците особено од нуклеарна војна. Тоа, да ти објаснам, ке значи  к р а ј  на човештвото, па и за твојата Норвешка. Дали ваквата изјава што ја истресе и остана жив е во функција на твоја лична промоција за некоја висока позиција по завршувањето на мандатот како ген-сек на НАТО не ми е јасно, меѓутоа таа е крајно неодговорна. Ако не си сватил до сега, НАТО е не само воена, туку и  п о л и т и ч к а  организација и твоја должност е да се залагаш за крај на војната во Украина со политички/дипломатски сретства, а не со оружје од кое најмногу страда обичниот народ.

    Штета е што на така чуствителни и многу одговорни позиции се поставуваат вакви незрели и неодговорни индивидуи.

М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, Поранешен министер и амбасадор на РМ во НАТО

Ставовите искажани во рубриката Колумнa се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на pelanet.mk. Редакцијата на pelanet.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.


1018