КИЦ Битола – насочени кон иднината за силна врска со уметниците и публиката

Уметничкиот и раководниот тим на Јавната Општина установа Културен и информативен центар (КИЦ) од Битола денеска на средба со медиумите претстави дел од програмата и планираните активности за 2023година и направи осврт кон измината 2022 година.
„Охрабрени од досегашните динамика и успех, продолжуваме во 2023 со нови проекти, иницијативи и настани“ – вели директорката Лили Бошевска најавувајќи дека годинава планираат низа на проекти кои ќе придонесат на мапата светски културни центри Битола да биде повидлива, а КИЦ препознаен како парнер за соработка.

„Она што е новитет во годинешната програмска и ресурсна поставеност на КИЦ Битола се подготовките за отворање на Туристичкиот инфо центар во рамките на Кино Манаки, активностите за туристичка промоција на Офицерски и Кино Манаки и секако Општина Битола.“ – рече Бошевска, објаснувајќи дека двата објекти со кои управува КИЦ сами по себе се туристички атрактивни објекти, а во киното пак веќе постојат условите за реализација на оваа дејност. Амбициозната цел на овој дел од дејностите на КИЦ е туристичка валоризација на културните настани во насока кон синтетизирање на напорите во градот; да се зајакне т.н културен туризам – во понудата да се спојат културните и природните богатства што регионот и градот ги поседува.
Годинава КИЦ ќе започне со објавување на електронски магазин за култура и уметност „Бели хоризонти“, своевиден форум за теми од архитектурата, сликарството, литературата. Ја продолжуваат својата специфична програма за привлекување и едуцирање на нова публика, за што во текот на јануари потпишале меморандум за соработка со сите училишта во градот, а во соработка со Општина Битола во текот на оваа година им претстои комплетно партерно уредување на околниот двор и поставувaње на канделабри.


Уметничкиот дел како основна дејност подразбира проекти од сценско-музичка дејност, ликовно-галериска дејност, прикажување филмови, развој на културен аматеризам и, посредување во културата. „Веќе е во тек и вие сите го објавивте конкурсот за избор на авторски компози за фестивалот „Ах таа серенада“ за која во 2022 година имавме едно ретро издание, и досега има многу заинтересирани автори“-информираше Бошевска.
Од Министертвото за култура добиле вкупно 400,000 денари за 4 од 6 понудени проекти кои ја опфаќаат ликовно галериската дејност. Меѓу нив се и изложбата на академик Газанфер Бајрам „50 години творештво“ и проектот за меѓународна соработка на македонски и ликовни уметници од Канада. Сите прифатени од Министерството за култура како проекти од национален интерес. Во Општина Битола како комплетен продуцент КИЦ Битола понудиле 16 проекти. „Во подготовка се многу концерти, ликовни и изложби на цртежи и графика, проекти во кои КИЦ се јавува и како копродуцент и само посредувач во културата“ вели Бошевска. А минатата 2022 година покажаа дека умеат да одговорат на сите барања од граѓаните и уметниците.

Низ бројки минатогодишниот извештај вели дека во 10 месеци реализирани биле преку 400 културни и други јавни настани, на кои настапиле преку 500 изведувачи, при што сите за сите овие објектите на КИЦ ги посетиле преку 65.000 лица.
„ Не постои поголемо задоволство од добро завршена работа, оправдана доверба и секако задоволна публика. Ни претставува чест што бевме домаќини на повеќе од четиристотини културни и други јавни настани за само десет месеци активна работа во 2022. Имено од реализирани четиристотини и шест настани , сто дваесет и три (123) се концерти, претежно на класична музика, седумнаесет изложби (17), дваесет и пет театарски претстави (25) сто и тринаесет кино проекции (113) и стотина други настани од мултимедија, литература и др.при што примивме преку шеесет и пет илјади (65000) публика, а на сценските простори на КИЦ Битола, во Офицерски дом и Кино Манаки, настапиле преку петстотини (500) изведувачи од сите културни сегменти, како музичари, актери, поети, сликари, фотографери, мултимедијални артисти и др.“ – рече Бошевска, додавајќи „ Воедно КИЦ Битола се појавува и како продуцент на неколку важни настани, а особено важно да се напомене меѓународната активност со пет настани од меѓународен карактер во наша продукција и иницијатива, при што промовиравме седум нови сценски простори достапни за уметниците и публиката.“

И во однос на финансиите Бошевска е задоволна. За илустрација понуди информација дека минатата година на сметката кон крајот на годината имало 100.000 денари, а една година подоцна има 1.200,000 денари. Тоа е така затоа што освен чисто уметничкиот, програмски дел на работата на оваа институција за култура, во насока кон самоодржливост поставени се и т.н комерцијални услуги.
На денешната средба со медиуми промовирана беше и новата интернет страна на ЈОУ КИЦ Битола https://kicbitola.mk/ и новиот спот кој го промовира содржински обновениот простор.
„ КИЦ Битола во оваа година влегува уште поамбициозно како со набавка на техника за уметничка реализација и презентации, така и со промовирање на нова современа веб страница kicbitola.mk изработена во соработка и поддршка на ит компанијата kimicom која соддржи целосен преглед на програмската и ресурсната структура на установата, настаните, архива, можност за резервации и сл.“ – вели Бошевска и додава „Бројките се навистина импозантни и зборуваат за една серизона динамика и културна политика и професионален капацитет на установата. “
