March 29, 2024

Силвана Ангелевска, пратеник: Не мора да си експерт да ја разбереш погрешната енергетска политика во државава

„Заев ветуваше дека кога ќе дојдете на власт јавниот обвинител ќе биде од опозицијата. Не е. Тоа зборува за вашите двојни аршини.Што се однесува до биографиите на предложените кандидати ги погледнав биографиите на поединечните кандидати меѓутоа немам намера да ги коментирам. Од една едноставна причина биографиите на кандидатите и нивните менаџерски способности и кога ќе се веќе на функција апсолутно не им значат ништо на оваа власт моментално а вие од Алијанса ќе се уверите во иднина. Најдобриот најпаметниот да биде ако најдат некои интереси повторно еден пратеник да им треба плус ќе ги наречат неспособни нечесни, неработливи, неодговорни и тн. Ништо не им значи“. Вака на собраниската седница за реконструкција на владата им зборуваше на своите колеги пратеникот Силвана Ангелевска, Д-р по технички науки и професор на Техничкиот факултет во Битола. Ова интервју е направено во тек на 104-та седница на собранието за разрешување и именување министри, што и денеска има свое продолжение.


Пеланет: Дали во моментов во Македонија се изгубени сите морални вредности, особено кога се зборува за практикување на политика ?
Проф. Силвана Ангелевска: За жал, општа констатација е дека се изгубени моралните вредности, критериуми, стандарди, и тоа не важи само во политиката, туку буквално во секој сегмент од нашето живеење. Затоа во моето обраќање на собраниската седница за именување на нови министри не сакав воопшто да ги коментирам биографиите на предложените кандидати. Кога единствен критериум е партискиот пазар за ден повеќе на власт, никакво значење немаат кариерите на предложените кандидати. И понатаму, од врвот, тоа се пресликува по вертикала на сите нивоа од секојдневното живеење: при изборот на позиции за работа, именување на раководни функции…единствен критериум е партиската подобност и послушност, а не квалитетот, професионалноста, способноста. И јас тврдам дека ова е најголемата причина зошто младите ја напуштаат Република Македонија. Во сопствената татковина се чувствуваат како странци.

Пеланет: Реконструкцијата на владата што ја направи Димитар Ковачевски е наменска, за најавените уставни промени со внесување на Бугарите во Уставот. Спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ е обид за добивање некаква респектабилна позиција во преговорите со ЕУ или сепак јавноста па и вие како пратеници не го имате видено бугарскиот предлог за кој има гласини дека се бара бугарското малцинство да влезе во т.н нормативен дел на Уставот?
Проф: Силвана Ангелевска: Тоа што Ковачевски го кажува и бара некое оправдување за започнување на преговорите со ЕУ, всушност не кореспондира со реалноста. За менување на Уставот и внесување на Бугарите како државотворен народ потребни се гласовите од пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, а ние јасно ставивме до знаење дека нема да гласаме за промена на Уставот. Нам граѓаните не ни дале мандат за ваква промена на Уставот и затоа бараме предвремени парламентарни избори на кои секоја партија ќе ја понуди својата програма, својот начин на делување, па граѓаните ќе го кажат своето. Реконструкцијата која ја прави Ковачевски е затоа што нема мнозинство од 61 глас во собранието, за ден, месец повеќе на власт, да можат да ги доокупираат судските органи, за што сме сведоци деновиве, да продолжат со тендерите во четири очи, да продолжат безмилосно да ги крадат народните пари. Ова се вистинските причини за реконструкцијата на владата и влезот на Алијанса за Албанците во владата, а преговорите со ЕУ се само параван.

Пеланет: На среде енергетска и економска криза кога државите во светот си ги проверуваат своите ресурси, македонскиот енергетски систем секојдневно објавува колку струја произведува. Небаре се наоѓаме во ударничка Југославија. Дали е добро или е лошо секојдневното надминување на планираното производство? Го поставувам прашањето поради фактот дека од 80-те години на минатиот век кога РЕК Битола започна со работа се зборува за експлоатационен рок на наоѓалиштата.

Проф: Силвана Ангелевска: Ако постои област во која оваа влада покажа неверојатна неспособност и коруптивност, тоа е сигурно енергетиката. Постојано лутање во стратегиите за енергетиката, лошо менаџирање со енергетските капацитети, фокусирање на тендери во четири очи, мобинг на вработените во енергетиката заради т.н партиска неподобност. Сето ова, дополнето со енергетската криза на глобално ниво го продлабочи проблемот со снабдувањето со електрична енергија во Република Македонија. И како резултат на погрешните политики, имавме покачување на цената на електричната енергија за околу 50%, укинување на ефтината дневна тарифа што беше едно од ветувањата на СДСМ во 2016, трошење на огромни финансиски средства за купување на јаглен од соседните земји. Електрани на Македонија и МЕПСО, кои важеа за профитабилни и општествено одговорни компании оваа власт ги направи најголеми загубари. ВМРО ДПМНЕ успеа да го спречи носењето на Закон за задолжување на Електрани на Македонија во износ од 100 милиони евра, за кој услов беше затворање на РЕК Битола и РЕК Осломеј до 2027г. Без око да им трепне сакаа да остават над 3000 луѓе на улица, што би било еднакво на катастрофа за Битола и околните општини.

Пеланет: Но, имаме субвенционирана струја.
Проф: Силвана Ангелевска: Да, даа секојдневно кажуваат дека се субвенционира електричната енергија за да се намалат сметките за електрична енергија, а не кажуваат дека 250 милиони евра се дадени од буџетот за купување на електрична енергија. А чии пари се тоа? На граѓаните, се разбира. Објавувањето на произведената електрична енергија дневно во смисла да се покаже како успешно се работи е исто толку чудно колку што беше сликањето на премиерот со трансформаторот од третиот блок. Никаков пи-ар не може да ја покрие неспособноста и криминалот на оваа влада во енергетскиот сектор.


Пеланет: Вие лично и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја предвидувавте можноста за енергетската криза која ја доживуваме и видливата економска односно финансиска криза како последица.
Проф: Силвана Ангелевска: Не мора да се биде голем познавач на полето на енегетиката за да се разбере дека владата на СДСМ и ДУИ водеше и води погрешни политики во енергетиката. Она што требаше да се направи е вложување во модернизација и реконструкција на енергетските капацитети, отворање на нови наоѓалишта на јаглен, ресурс кој ние го имаме на располагање, а паралелно со тоа и вложување во капацитети на обновливи извори на енергија. Затоа, уште од првиот момент на носење на Буџетот како пратеници од Битола реагиравме со амандмани, но власта немаше слух. И сега, по 6 години се одлучуваат да почнат со активности на отворање на рудникот Живојно. Морам да напоменам дека сите предизборни ветувања како топлификацијата, електростатските филтри, десулфуризација, останаа само една голема лага и манипулација на оваа власт. Состојбата со животната средина не само што не ја подобрија, туку со користењето на мазут во недостаток на јаглен, уште повеќе ја загрозија.

Пеланет: Вие станавте пратеник по два мандати претседател на Совет на Општина Битола. Колку е различна пратеничката функција или тоа е во директна зависност од претседателот на Собранието или пак и Вам сите идеали за парламентарна демократија Ви се урнисаа?
Проф. Силвана Ангелевска: Тешко може да се направи споредба меѓу пратеничката функција и советник и претседател на Советот на Општина Битола. Во отсуство на елементарна политичка култура и демократија тешко е да се биде пратеник во опозиција. Едноставно, сите предлози кои доаѓаат од нас како пратеници се одбиени, и тоа само заради тоа што ние ги предлагаме. Имаме власт која е неспособна, самобендисана, арогантна, криминогена и агресивна.

Фотографии: од ФБ профил на проф.


1119