April 19, 2024

Жртва на капитализмот: Археолошки локалитет „Влахо“

Подолу, за објавата на Институтот од 20 февруари оваа година.

Почитувани истражувачи и љубители на предисторијата,

ни претставува особена чест да ве известиме дека престижното археолошко списание Antiquity објави наш труд за неолитскиот локалитет Влахо кај Живојно во Пелагонија. Во едицијата Project Galery на ова списание кое го издава Универзитетот во Кембриџ, сумирани се последните сознанија за оваа мошне значајна неолитска населба, како за македонската, така и за европската археологија.

Имено, во трудот истакнато е присуството на десетина ровови, евидентирани на локалитетот Влахо преку неговото геофизичко скенирање. Резултатите од ова истражување посочуваат на дури тринаесет полукружни концентрични ровови што во моментов претставува единствена ваква појава во предисториска Европа. Во просторот што го опфаќаат овие ровови присутни се уште два паралелни рова што формираат правоаголна целина во која се присутни остатоци од повеќе неолитски градби. Надвор од овој мошне интересен комплекс, геофизичкото скенирање потврди уште два рова кои се формирани независно, а за кои во моментов не се знае дали се истовремени или пак направени подоцна.

Она што е фасцинатно за овој локалитет е фактот дека тој е датиран во 64 век пред новата ера, што воедно го прави и еден од најстарите неолитски локалитети во Европа. Во таа смисла, доколку овие десетина полукружни ровови се изработени во раниот неолит, што е сугерирано од добиените дати и материјалната култура, тогаш тоа го прави овој локалитет исклучително важен поради неговата специфична просторна организација која не е вообичаена за Балканот, но и пошироко.

Во таа смисла, издвањето на овој научен труд во реномираното списание Antiquity ќе му даде многу поголемо и светско афирмирање на локалитетот Влахо кај Живојно и на неговите хронолошки, просторни и културни обележја. Со самото тоа што трудот е рецензиран од врвни светски стручњаци, ја потврдува веродостојноста на изложените резултати и овозможува нивно темелно вклучување во студиите на бројни истражувачи. На тој начин се истакнува и значењето на оваа мошне специфична неолитска населба и потребата за нејзино долгорочно проучување и заштита.

За жал, локалитетот Влахо кај Живојно во Пелагонија во моментов е соочен со сериозно оштетување, поради ископувањето на јаглен во негова близина, но и во рамки на периферијата на неолитската населба. Несовесното однесување кон овој локалитет предизвикува оштетување на неговите периферни делови и особено на рововивите кои претставуваат негово уникатно обележје. Поради тоа неопходна е итна заштита на ова наоѓалиште и многу погласно апелирање за негово целосно зачувување. Во таа смисла, публикувањето на најновите сознанија за овој уникатен локалитет во угледното списание Antiquity ќе придонесе Влахо да биде препознаен на меѓународно ниво и да му се овозможи соодветен научен третман и заштита. Освен истакнати светски научници од кои дел се вклучени во истражувањето на Влахо, за неговата вредност и специфичност стануваат свесни и меѓународни организации кои ќе иницираат негова целосна заштита.

На овој линк може слободно да се преземе научниот труд за Влахо, објавен во археолошкото списание Antiquity:

https://www.cambridge.org/…/6B5A4C033B543D52963D7C0E0C

1126