April 19, 2024

Габриела Илиевска: Борбата за еднакви можности е борба на сите кои сведочат дека постои различен третман, услови за жените и мажите

8 Март, на повидок секогаш се дотерани жени со цвеќе во рака, па забави, па некоја хуманитарна акција, па дискусија за важноста на жените во современото општество, маршеви…
Две прашања се наметнуваат како дилема: Дали борбата за еднакви можности е само женски проблем и дали родовата застапеност на жени во политиката или бизнисот е само игра на бројки?
Габриела Илиевска , претседател на Советот на Општина Битола е и претседател на Комисијата за еднакви можности на Битола(КЕМ) при Советот.
Илиевска за Пеланет вели: „Борбата за еднакви можности е борба на сите кои се свесни дека во некоја област постојат разлики, постои различен третман, различни услови за жените и мажите. Проблемот може и треба да се решава целосно и заеднички секаде каде што го има, но истиот може да биде надминат само доколку сите сме свесни дека постои и уште поважно, крајно време е да немаме вакви проблеми, разлики и борби.“

А во однос на родовата застапеност на жени во политиката или бизнисот и дали е тоа игра на бројки, Илиевска рече „Жените во политиката и бизнисот се застапени онолку колку што самите сакаат да бидат застапени. Во изминатите години станавме погласни, се охрабривме да превземаме повеќе иницијативи и тоа е она што ги менува бројките на застапеност.“
Состојбата во градот, Комисијата ја анализираше во рамки на подготовката на Програмата за работа на оваа комисија. Во нивната анализа, базирана на податоците од пописот во 2021 година стои дека 50.9% од вкупното 85.164 илјадно население во Општина Битола се жени. Од вкупно 738 жители кои се неписмени, 505 се жени. „Гледано и според возрасни групи, состојбата е загрижувачка и укажува на тоа дека различниот пристап до образование е сѐ уште родов проблем кој опстојува во општината, особено по завршувањето на задолжителното средно образование, кога настанува главниот пресврт во однос на половата структура на неписменото население.“ стои во анализата.
Во македонското општество нееднаквоста меѓу жените и мажите во делот на економската активност и ограничената можност на жената за вработување, не се препознаваат како своевидна системска дискриминација. Но фактите на статистиката од 2019 и 2020 година велат дека стапката на вработеност во државава кај жените изнесува 38%, односно е значтително пониска во споредба со онаа кај мажите која изнесува 56%. Најголем дел од работоспособните жени, односно 53.4% се вбројуваат во категоријата неактивно население, за споредба, само 32.2% од мажите.“ вели анализата на КЕМ Битола.


Илиевска сепак денеска обрнува внимание на успешните приказни.
“Успешните приказни на голем број битолчанки во сите сфери најдобро говори каква е состојбата во Битола. Имаме успешни приказни на жени во сите сфери – бизнис, политика, култура, раководни позиции, невладин сектор…
Поддршка во секоја смисла и охрабрување е секогаш добредојдено за уште поголем напредок. “ вели Илиевска и продолжува, „Секој проект кој вклучува поддршка на жените значи поголем напредок. Токму заради тоа оваа година беше објавен јавен повик за поддршка на проекти и програмски активности на граѓански организации и фондации со вклучена компонента од областа на еднаквите можности. Предмет на Јавниот повик е прибирање понуди за финансиска поддршка на проекти и програмски активности на здруженија на граѓани, фондации, кои ќе значат и подобрување во областа на еднаквите можности на жените и мажите. Проектите и програмските активности ќе бидат поддржани со средства од Буџетот на Општина Битола за 2023 година согласно Програмата за еднакви можности на Општина Битола за 2023 година како и критериумите дадени во овој Јавен повик. Се работи за средства во висина од 1 милион денари, а максимумот кој може да се добие е 50 000денари. Очекуваме проекти кои ќе опфатат поголем број на граѓани, проекти кои ќе бидат видливи и проекти кои би биле одржливи и би добиле поддршка и следната година.


1027