June 6, 2023

Центар за поддршка на жени и деца од семејно насилство – борба со лузните на душата

Насилството, особено врз жените и женските деца но и децата воопшто, го карактеризираат светот и вековите. Од бркањето на вештерки до денешниот мобинг врз жени. Некои од формите што различните декларации и резолуции со кривичната правна материја ги познава се силување, семејно насилство, сексуално вознемирување, фрлање киселина, репродуктивна принуда, пренатална селекција, женско чедоморство…И кога се реализираат во семејството потешко се казнуваат. Но, и кога правдата е задоволена, остануваат последици. Со лузните на душата се занимаваат во новоформираниот Центар за поддршка на жени и деца од семејно насилство. Постои само три месеци, формиран е со финансии од Буџетот на Општина Битола и со поддршка од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, а во работата се вклучени тим на експерти од социјална работа, психологија, правници и кариерна советничка. Разговараме со Наташа Бекирова, координатор на Центарот.

Наташа Бекирова, координатор на Центарот


Пеланет: На 9.03.2023 се навршуваат три месеци од Вашето функционирање. Досега претпоставувам имате евалуација на оформената институција и кои нешта и се потребни за нејзино оптимално функционирање.
Наташа Бекирова: – Овие неколку месеци ни покажаа дека мотивацијата и ефикасноста на кадарот кој работи во советувалиштето, нивната достапност и брза интервенција во изработка и спроведување на план за третирање на жртвите, дава исклучителни резултати. Исто така, нашата добра комуникација со Центарот за социјални грижи од Битола ни овозможува да им обезбедиме на жртвите конкретна и корисна помош во најбрз можен рок.
Пеланет: Насловот на институцијата подразбира помош на жени и деца од семејно насилство. Како се стигнува до Ваша помош?
Наташа Бекирова: – Жените и нивните деца, кои се соочиле со родово базирано насилство можат да се јават на бројот 075 393 626 , или да дојдат лично на адреса Митрополитска 13А, во просториите на новиот старски дом Софија и веднаш по првиот контакт да бидат поддржани, охрабрени и да добијат насоки за психолошка, социјална или правна помош. Морам да споменам, затоа што сметам дека е важно, дека ние го покриваме цел југозападен регион, вклучувајќи ги и општините околу Битола, Могила, Новаци, Ресен, Охрид. И ги охрабрувам жените кои иако не се од Битола, а имаат потреба од помош, да се обратат до нашето советувалиште, ќе ја добијат потребната грижа и заштита.

Соба за разговор во Центарот


Македонската држава има многу закони, правилници и акти за итно решавање на сите проблеми поврзани со било каков вид на семејно насилство, но, некаде во процесот, како да има затајување во институциите. Па или казните се мали , или насилникот се враќа дома или жртвите одлучуваат да не ја користат услугата на шелтер центрите.
Пеланет: Кое е вашето досегашно искуство? Имате ли добри релации со полицијата, обвинителството, Центарот за социјални работи.
Наташа Бекирова: – Како што погоре споменувам, имаме навистина квалитетна и ефикасна соработка со Центарот за социјални грижи од Битола. Постојано сме во комуникација со нивните водители на случај, се со цел да се овозможи што поквалитетна грижа и заштита на жртвите. И тоа навистина даде резултати изминатиов период. Она што следно го планираме е поинтензивна соработка со полицијата бидејќи искуството во овие 3 месеци ни покажа дека во овој дел треба поцврсто да се делува и постапува.
Пеланет: Низ која процедура минуваат жртвите кога се обраќаат кај Вас за помош?

Соба за игра во Центарот


Наташа Бекирова: -Најпрвин се обезбедува чувство на сигурност, безбедност и доверливост на жртвата. Тоа е најважно во нашето постапување. Минувајќи низ влезното интервју, се откриваат итноста, потребите, видот на поддршка која е потребна. Потоа се прави план и се превземаат соодветни чекори и тоа работа на трауматските искуства, јакнење на лични снаги и капацитети, јакнење на самодоверба со психологот. Доколку е потребно се вклучува и правничка за да и се помогне на жртвата во постигнување на законските права. Социјалната работничка пак се вклучува доколку жртвата има можност за добивање на некои од социјалните мерки кои и следуваат, при што жртвата се насочува, и се помага во вадење и поднесување на документација во институциите. Кариерната советничка пак се вклучува за зајакнување на работните капацитети и оспособување на жртвата за полесно наоѓање на работа доколку е невработена, со што ќе си овозможи економска независност.
Всушност жртвата внимателно се води и поддржува низ целиот процес во ослободување од насилникот и процесот на психолошка рехабилитација.
Пеланет: На нашата општина, ама мислам и на цела држава како да и недостасуваат т.н групи за поддршка. Многу европски, американски земји функционираат со вакви групи на лица кои искусиле некакво антисоцијално дејствие , биле жртви или сторители. Дали Ценарот планира вакви и слична поддршка?
Наташа Бекирова: – Токму тоа е нашиот план во периодот кој следува. Групите за поддршка веќе добро функционираат во Скопје, Тетово и останатите градови каде што подолго функционираат ваквите советувалишта на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство. Она што ние го планираме е групна терапија, интимни групи за поддршка кои имаат за цел на жртвите да им го подигнат чувството на припадност, поддршка, развивање на свесноста дека не се сами во својата борба со насилството, но и учење од туѓите искуства и црпење на снаги. Планираме групи за личен раст и развој, панел дискусии на теми значајни за жртвите и насилството. И морам да напоменам, за да ги охрабрам жртвите да побараат помош, дека овие и сите претходно наведени услуги во нашето советувалиште се бесплатни.


1016